Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ) денеска соопшти дека ќе ја прекине хуманитарната работа во речиси 20 земји ширум светот, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзна американската помош.
Никогаш во нашата 79-годишна историја не сме доживеале толку ненадеен прекин на помошта од која било од нашите многубројни нации донатори, меѓувладини организации или приватни донаторски агенции, се наведува во соопштението на НРЦ.
Норвешкиот совет за бегалци предупредува дека последиците од прекинот на американската помош ќе станат сè посериозни за луѓето кои се соочуваат со кризи ширум светот. НРЦ во Украина веќе мораше да ја запре закажаната февруарска дистрибуција на итна помош за 57.000 луѓе долж линијата на фронтот и мораше да го отпушти персоналот ширум светот.
НРЦ во 2024 година добила околу 20 проценти од помош од САД или околу 150 милиони долари, со кои им помагала на приближно 1,6 милиони луѓе ширум светот.
Администрацијата на Трамп минатата недела соопшти дека ќе ги испрати на одмор сите директно вработени работници на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) ширум светот и ќе повлече илјадници работници од странство.