Данска ќе ги одданочува сточарите поради стакленички гасови што ги испуштаат нивните крави, овци и свињи од 2030 година, и е првата земја што ќе го стори тоа. Ова е дел од амбициите на Копенхаген да постигне јаглеродна неутралност што е можно поскоро.
Од Владата на оваа скандинавска земја сметаат дека добитокот е главен извор на емисиите на метан кој се смета за еден од најмоќните гасови кои придонесуваат за глобалното затоплување.
„Во оваа фаза, целта е да се намалат емисиите на стакленички гасови во Данска за 70 отсто споредено со нивоата од 1990 година до 2030 година“, објасни министерот за даноци Јепе Брус.
Од 2030 година, данските сточари ќе се оданочуваат со 300 круни (40 евра) по тон еквивалент на јаглерод диоксид во 2030 година. Данокот ќе се зголеми на 750 круни (100 евра) до 2035 година. вистинската цена по тон ќе започне од 120 круни (15 евра) и ќе се зголеми на 300 круни до 2035 година.
Иако јаглерод диоксидот обично добива поголемо внимание за неговата улога во климатските промени, метанот заробува околу 87 пати повеќе топлина во период од 20 години, според американската Национална океанска и атмосферска администрација.
Нивоата на метан што се испушта од извори, вклучително и депониите, системите за нафта и природен гас и добитокот се зголемија особено брзо од 2020 година. Производството на добиток е одговорно за околу 32 отсто од емисиите на метан предизвикани од човекот, се наведува во Програмата за животна средина на Обединетите нации.
„Ќе направиме голем чекор поблиску да станеме климатски неутрални во 2045 година“, рече Брус, додавајќи дека Данска „ќе биде првата земја во светот што ќе воведе вистински данок на јаглерод за земјоделството“ и се надева дека другите земји ќе го следат примерот.
Нов Зеланд донесе сличен закон што треба да стапи на сила во 2025 година.
Фото: МИА архива