По успешниот документарец „Ејми“ посветен на прерано починатата пејачка, се подготвува уште еден, насловен според нејзин голем хит.

„Amy Winehouse – Back to Black“ ќе ја раскаже одблиску приказната за снимањето на истоимениот албум. Се очекува филмот да излезе во ноември. Во него се вметнати приватни снимки, интервјуа со нејзините соработници, меѓу кои и Марк Ронсон и Салам Реми.

Во бонус материјалот ќе биде вклучена и снимка од нејзиниот интимен настап на 10 февруари 2008 година, кога пеела за мала група пријатели, членови од семејството и блиски соработници од музичката сцена. Истата вечер, Ејми освои пет Греми награди, а настапи преку сателитски видео-линк, бидејќи не ѝ беше дозволено да замине во САД за да биде присутна на церемонијата.

Во 2015 излезе документарецот „Ејми“ на Асиф Кападија, кој освои и Оскар за најдобар документарец следната година.