Сместена меѓу Хаваите и западниот брег на Мексико, во Тихиот Океан се наоѓа Зоната Кларион-Клипертон – подводна површина од 4,5 милиони квадратни километри, како рамнина под морето. Иако овој дел од морето е жив екосистем исполнет со морски свет, Зоната е најпозната по својата огромна низа камења познати како „полиметални нодули (јазли)“ – еден со просечна големина на компир. Написот е објавен во списанието „Нејчр џиосајенс“ (Nature Geoscience).

Овие мали камења, што можеби ги има трилиони, се всушност, богати наоѓалишта на никел, манган, бакар, цинк, кобалт. Конкретно овие метали се од витално значење за еколошките батерии за напојување, т.е. за зелената енергетска иднина. Сепак, истражувањата веќе посочуваат дека овие јазли, освен што се извор, на пр. за материјали за идните електромобили – тие исто така, произведуваат кислород – и тоа на 4.000 метри под површината, каде што Сончевата светлина не достигнува.

Овој неочекуван извор на „темен кислород“ ја предефинира улогата на овие камења-јазли во Кларион-Клипертон. Тој камен, исто така, може да фрли нова светлина, не само на објаснувањето за тоа како настанал животот на оваа планета, туку и за потенцијалот да го пренесе на другите потенцијални „светови“ во нашиот Сончев Систем, како што се сателитот на Сатурн, Енцелад и Европа – кај Јупитер.

Ендрју Свитмен, екологист за морските длабочини од Шкотската асоцијација за поморска наука со седиште во градот Обан, и главен автор на истражувањето, потсети дека „за да почне животот со воздух на планетата, морало да има кислород“, а досегашните сознанија говорат дека снабдувањето со кислород на Земјата се одвива со фотосинтеза, т.е. со помош на „површните“ растенија и Сончевата светлина…

– Но, сега знаеме дека има кислород и во длабокото – каде што, всушност, животот и започнал, вели Свитмен.

Патувањето кон ова откритие почна пред повеќе од десетлетие, кога Свитмен си зел задача да анализира како нивото на кислород се намалува во длабочините на океанот. Така, во 2013 година сензорите вратија зголемени нивоа на кислород во Кларион-Клипертон. Во тоа време, Свитмен ги отфрли податоците како резултат на неисправни сензори, но и наредните испитувања покажаа дека оваа подводна рамнина, некако, произведува кислород.

Земајќи ја предвид ознаката „батерија во камен“, научникот се прашал: Дали минералите пронајдени во овие јазли делуваат како еден вид „геобатерија“ којашто ги одвојува на водородот и кислородот преку електролиза на морска вода?

Испитувањата од 2023 година покажаа дека некои бактерии и археобактерии можат да создадат „темен кислород“, па Свитмен и неговиот тим ги пресоздадоа условите од подводната Зона во лабораторија. Во екпериментот, научниците ги убивале сите микроорганизми со живин хлорид, но – изненадувачки, нивото на кислород продолжило да расте, според „Сајентифик Американ“ (Scientific American). Свитмен тврди дека површината на еден ваков јазол има напон од приближно 0,95 волти и оти овој природен полнеж е доволен да ја подели морската вода.

Ова откритие уште повеќе ја разгорува дебатата за тоа што да се прави со овие нодули. Рударските тимови на „Металс компани“ (Metals Company) со седиште во Ванкувер, Канада, чиј извршен директор ја осмисли фразата „батерија во камен“, ги гледа овие камња-јазли како одговор на нашите енергетски проблеми. Сепак, 25 земји сакаат управното тело – Меѓународниот совет за морското дно – ИСА да воведе мораториум, или во најмала рака – со претпазлива пауза да може да се спроведат повеќе истражувања за да се види како ископувањето на овие јазли може да влијае на океанот. Ова е особено од витално значење, имајќи предвид дека светските мориња веќе се соочуваат со климатски предизвици – киселост, деоксигенација и загадување.

Како одговор на ова откритие, Лиза Левин од Институтот за океанографија „Скрипс“ во САД, која не е вклучена во истражувањата, истакна дека ваков мораториум е важен за заштита на овие камења-јазли.

– Ова е одличен пример за тоа што значи да се има длабокиот океан како граница кон релативно неистражениот дел од нашата планета. Сè уште има нови процеси за откривање на тој предизвик за она што го знаеме за животот во нашиот океан. Производството на кислород на морското дно со полиметални јазли е нова функција на екосистемот што треба да се земе предвид при проценка на влијанието на ископувањата во длабокото море. Овие наоди ја нагласуваат важноста од унапредување на независното научно истражување на длабокото море низ светскиот океан со цел да се обликува сознанието и политиката за длабоките океани, појасни Левин.

ИСА сè уште преговара со клучните играчи за прописите за рударство во длабоко море. Така, додека иднината на светските океани се приближува до критичен миг на зачувување или експлоатација, науката уште еднаш посочува дека нарушувањето на овие екосистеми може да има последици што човекот сè уште не може ни да ги замисли.

Фото: Википедија