Онлајн преку платформата „Зум“ денеска ќе биде претставен нов клуб за бугарско-македонско пријателство.

Како што соопшти Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, кој е виртуелен домаќин, темата на прес-конференцијата е „Претставување на нов клуб за бугарско-македонско пријателство и повелба за негово формирање со видео конференција меѓу видни јавни личности од Софија и Скопје“.

Од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје информираат дека тие не се креатори и учесници во идејата и сакаат, како што велат, да ја поддржат иницијативата на добра волја која стои зад креирањето на оваа платформа.

Како што е најавено, меѓу основачите на Клубот од македонска страна се филозофката Катерина Колозова, политикологот Љупчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Заjковски, поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.

Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени К’нев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Г’рдев, советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања и Михаил Иванов.

Исто така меѓу основачите се и три организации на македонските Бугари – Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС), Културно-просветното друштво „Вардар“ и Здружението на граѓани за промоција, издавање, иницијативи и меѓународна соработка „ДЕЛО“ Скопје.