Поранешна ученичка со кујнски нож повредила ученик (16) во приватното училиште „Руѓер Бошковиќ“ во Белград и една професорка (44), која се обидела да ја спречи во нападот, пренесуваат српските медиуми.
Девојчето било поранешна ученичка на ова училиште, но самоиницијативно се отпишало. Полициски екипи се на терен, а според првичните информации, девојчето е совладано, уапсено и приведено, потврдиле од српското МВР за „Танјуг“.
Ни ученикот А. Р. ни професорката, која добила расеченица на раката, не е сериозно повредена.
Училиштето е евакуирано, а на терен се силни полициски екипи и екипи на итната медицинска помош, јавуваат медиумите.
Пред училиштето шокирани родители ги чекаат децата. Тие се тресат и плачат, пишува „Блиц“.
„Ми се јави син ми и ми рече веднаш да дојдам на училиште, дека во училиштето има повеќе од 20 полицајци, дека од другарка слушнал оти девојка избола професорка по историја, а потоа почнала да брка другар“, вели една мајка.
Друга мајка наведува дека полициско возило возело на улицата со вклучени ротациски светла.
„Помислив дека повторно е лажна пријава како што утрово се случи во Калуѓерица и во Обреновац. Не го сфатив ова сериозно, но за минута или две, поминаа најмалку пет полициски возила со вклучена ротација. Не знаев што се случува, но кога дојдов, дознав дека девојката побегнала и дека ја бараат“, раскажува преплашената мајка.
Мајка на девојче кое оди во ова училиште вели дека стравува за животот на своето дете.
„Уште колку ќе се случува ова? Дали Коста е причина повеќе да не го пуштам моето дете на училиште? Од сега па натаму, се плашам за животот на моето дете. Ова е престижно училиште, имаат обезбедување, капија. Нашите деца веќе никаде не се безбедни,“ изјави таа.
За потсетување, вчера, во Белград, 13-годишно момче со пиштол уби осум свои соученици, една професорка и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“, во кое учел.
Шест ученици со прострелни рани биле хоспитализирани на Ургентниот центар во Белград, односно на клиниката во Тиршова.