Вечерва, полната Месечина ќе биде најголема и најсветла во 2019 година бидејќи се наоѓа на точка која е најблиска до Земјата, односно на околу 365.800 километри.
Февруарската полна Месечина традиционално е позната како „снежна или гладна Месечина”, затоа што во текот на овој небесен феномен често можат да се видат најсилните снежни врнежи, а доаѓа на крајот од зимата кога залихите на храна се при крај (оттаму и „гладна”).
Месечината ќе биде најблиску до Земјата во 09:06 часот наутро над Велика Британија, а полна ќе биде во 15:53 часот. Ќе биде видлива откако ќе се крене во 17:11 часот, пишува „Independent”. Ова е втора Супер месечина оваа година, по крвавата Месечина од 21-ви јануари.
Супер месечината ќе изгледа 14 отсто поголема и 30 отсто посветла од Месечината во нејзината најоддалечена точка од Земјата, односно на 405.500 километри.
Следната таква појава која се нарекува топла Месечина, ќе може да се види на 21-ви март, неколку часа од официјалниот почеток на пролетта. Делумно помрачување на Месечината ќе биде видливо во ноќта помеѓу 16-ти јули, а следното целосно помрачување на Месечината нема да се случи сѐ до 2021 година.
Помрачувањето минатиот месец беше делумно видливо поради појавата на облаци, но некои набљудувачи од Велика Британија сведочеле за судир на неодреден предмет со Месечината во текот на помрачувањето.
Научниците веруваат дека станува збор за предмет со големина на топка, со тежина помеѓу 20 и 100 килограми, кој удрил во Месечината со брзина од околу 47.000 километри на час.