Веќе четврти ден по ред, Грција бележи зголемен број нови случаи на Ковид-19, а денеска беше регистриран нов негативен рекорд со регистрирани 6.808 новозаразени, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатите 24 починаа 42 лица, а 441 пациент е приклучен на апарати на одделите за интензивна нега во болниците, од кои 369 односно 83,67 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани.

Новите случаи се од 203.08 направени тестови, а најголемиот број новозаразени се во Атика, поширокиот регион на Атина (1.475) и во Солун (1.117).  

На денешната редовна прес конференција за ситуацијата со пандемијата во земјата, алтернативната министерка за здравство на Грција Мина Гага рече дека во многу региони на земјата зголемувањето на новите случаи достигнува и до 500 отсто.

Професорката и член на комисијата на епидемиолози Вана Папаевангелу истакна дека во изминатите 15 дена бројот на новите случаи се зголемил за 60 отсто, минатата седмица имало во просек по 4.621 случај дневно, за што потенцираше дека е рекордна бројка, а речиси двојно зголемен е и процентот на позитивни случаи во однос на направени тестови, од 1,09 на 1,96 отсто.

– Активните случаи во државата се над 35.000. Важен е притисокот врз здравствениот систем особено во централна и северна Грција. Приемите во болница се зголемени за 35 отсто во изминатите две седмици, рече Папаевангелу и додаде дека околу 3.000 пациенти се хоспитализирани поради Ковид-19.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 767.376 случаи на Ковид-19, а почина 16.151 лице.