Трговците на пазарот на големо познат како Кванташки и понатаму протестираат против сопствениците и управителите. Се жалат дека постојано им се наплаќаат дополнителни давачки, а условите се мизерни.
„Се собравме на овој протест да покажеме дека овој пазар на големо е претворен во рекетарска арена од сопствениците. Сопствениците на ова место немаат никакви прописи, цени или уредби каде ќе се знае кој колку треба да плати за користење на просторот, туку напротив, сопствениците се однесуваат како каубојци со поставување на цени без критериуми и без основа“, вели Насер Ајдини, трговец.
Трговците велат дека не наидуваат на разбирање кај сопствениците, па бараат помош од институциите.
Земјоделците и трговците во „Кванташки“ велат дека и покрај зголемувањето на давачките, на пазарот не се инвестирало за соодветни услови за работа, иако новите сопственици ветиле модерен пазар. Испратија и фотографии за кои тврдат дека покажуваат оти по секоја поплава, пазарот се претвора во езеро.