Државата предлага зголемување на концесиите за металични и неметалични суровини, концесионерите се начелно за, но сметаат дека предложеното зголемување е превисоко.
Ова е главниот заклучок од денешната почетна дебата за новиот предлог-тарифник за плаќање на концесиски надоместоци за металични и неметалични суровини што се одржа во Министерството за економија со претставници од концесионерите предводени од претседателот на Македонска асоцијација за рударство при Стопанската комора на Македонија, Николајчо Николов.
Се предвидува новиот тарифник да се применува од 2020 година, а во него се предлага зголемување на надоместокот за концесија од сегашните два отсто на 3,5 отсто од годишните приходи на концесионерот за металични суровини.
-Имавме многу конструктивна дебата и во текот на наредните месеци со целосна соработка со комората ќе дојдеме до финалната верзија на тарифникот за која сум сигурен дека ќе биде вин-вин ситуација и за инвеститорите, во овој случај концесионерите, но и за државата, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој посочи дека тарифникот не е изменет неколку години и додаде дека анализите покажале дека треба да се донесе нов тарифник кој ќе биде согласно европските трендови и сличен на соседните земји. Во последните три години, додаде, сите концесионери заедно плаќаат во просек по осум до 10 милиони евра годишно, а тоа според нас како Министерство е недоволно ако се има предвид дека користат општо добро што е на сите граѓани.
-Предложивме зголемување од кое најголема придобивка ќе имаат општините кои користат 78 отсто од надоместоците за концесија. Начинот како ќе се зголеми ќе го дискутираме со сите засегнати страни, но истовремено и со општините во кои се лоцирани најголемите концесионери. Ако се зголеми концесијата и остане ист бројот на концесионери, буџетот на општините и на државата ќе се зголеми за шест до осум милиони евра. Во Владата ќе предложам средствата од секое зголемување на надоместоците наменски да се користат за животната средина, здравството и образованието, потенцира Бектеши.
Претседателот на Македонска асоцијација за рударство денешната дебата ја оцени како одлична можност концесионерите да се запознаат со првичниот предлог изготвен од Министерствтото за економија за зголемување на концесискиот надомест.
-Особено е за поздравување што имаме време и мерката нема да биде интервентна. Благодарни сме на министерот што овојпат почнуваме навреме и имаме време да се договориме и што зголемувањето кое ќе се издејствува ќе биде планирано и остварено во 2020 година, што значи дека нема да влијае на буџетите кои ги имаме планирано за 2019 година. Сите концесионери во принцип се залагаме дека треба соодветно да плаќаме за она што го користиме како добро од земјата, но бараме начин како тоа да биде поправично распоредено и сите да плаќаат согласно со тоа што го добиваат, изјави Николов.
Тој прецизира дека рудниците треба да плаќаат соодветно на богатството на рудата што ја експлоатираат.
-Доаѓам од рудникот Бучим кој експлоатира апсолутно најсиромашна руда на бакар во светот. Не сакаме да бидеме мерени со рудници кои имаат двапати и трипати поголема содржина. Мислам дека е добра концесијата што ја плаќаме сега, а новопредложената е многу иако во принцип прифаќаме зголемување. Тоа ќе се обидеме да го покажеме со бројки и анализи, рече Николов.
Ќе предложиме, нагласи, концесијата да има два дела, еден фиксен и обврзувачки и еден варијабилен што ќе се определува преку профитот или каква руда се експлоатира.
-Би сакале да се плаќа еден фиксен дел за концесија и еден варијабилен во зависност од добивката. Ќе се залагаме да има некоја загаранитрана ставка за државата која обезбедува егзистенција на државните установи, а другиот дел да биде варијабилен зависно од тоа кој што експлоатира. Тој што експлоатира побогата руда треба да плати повеќе, а тој што експлоатира посиромашна би требало да плати помалку зашто има повеќе трошоци, посочи Николов.
Рудникот Бучим има годишен профит од околу 20 милиони евра, а вкупен приход од околку 70 милиони евра. Во моментов плаќа концесија од околу 1,5 милиони евра на годишно ниво.