Нов топлотен бран ја зафати Босна и Херцеговина, а според прогнозите на Федералниот хидрометеоролошки институт (ФХМИ) се очекува период на екстремно високи температури без значително заладување, јави регионалната телевизија Н1.
За најголем дел од земјата е во сила портокалово предупредување за опасно топло време, додека за Херцеговина и делови од северна Босна е прогласен црвен метеоаларм. Причина за високите температури е силно поле на висок атмосферски притисок кое зафати голем дел од Европа, изјави за Н1 дежурниот синоптичар од ФХМИ, Ибрахим Хаџисмаиловиќ.
Во следните денови утринските температури ќе се движат меѓу 16 и 22 степени Целзиусови, а во јужните делови до 28 степени. Дневните температури ќе достигнуваат од 34 до 41 степен, додека во Херцеговина локално се очекуваат и до 43 степени.
– Денеска и можеби утре температурите во Босна ќе бидат за два до три степени пониски, но врвот на топлотниот бран го очекуваме кон крајот на оваа недела и почетокот на следната – изјави Хаџисмаиловиќ.
Според него, сувото и стабилно време ќе продолжи најмалку до крајот на следната недела, без знаци за значително намалување на температурите или посериозни врнежи. Тој предупреди дека долгиот период без дожд и сувиот воздух го зголемуваат ризикот од шумски пожари, особено во Херцеговина, нагласувајќи дека иако во моментов нема големи пожари, опасноста се зголемува со секој ден.
Граѓаните се повикани да избегнуваат престој на отворено меѓу 11 и 16 часот, особено децата и постарите лица. Хаџисмаиловиќ потсети дека официјалните температури се мерат во сенка, додека на директно сонце и на асфалт се значително повисоки.
И покрај најавените горештини, засега нема показатели за нови температурни рекорди. Највисоките августовски температури во Сараево се околу 40 степени, во Бихаќ 42 степени, а во Мостар 43 степени.
Според Хаџисмаиловиќ, зачестените топлотни бранови и екстремните временски појави се уште еден показател за влијанието на климатските промени. (МИА)




