Неколку мигови пред полноќ, со свештен трепет, стоиме во тивкиот примрак на храмот, очекувајќи Благодатната Светлина да ја разбие темнината. Се обновува, воскреснува човечката природа; се умртвува смртта. Благодатниот Оган, внесува нов, небесен сјај во храмот. Дојдете, примете светлост од невечерната светлина! Како што се умножува светлината од безбројните запалени свеќи, така се посилно одѕвонуваат овие чудесни стихови:

“Вечерва, Господ во полнота ни ја испраќа својата радост, а и ние ја споделуваме таа воскресна радост, ја споделуваме Неговата љубов во полнота со сите ближни па и со сите далечни. Христијанинот треба да биде благовестлив, токму на оваа Воскресна радост, бидејќи Господ, преку својот Крст и Воскресение, ни се дава во полнота. Како ни се дава? Излевајќи ја својата неизмерна милост; излевајќи ја својата неизмерна љубов, кон нас давајќи ни прошка на нашите гревови, исполнувајќи не со права, и на крај најважното – победа над непријателот и победата на најголемиот проблем на човештвото – кој беше смртта, бидејќи после него, и смртта веќе не е проблем за оној кој што верува во Него. Што треба да направиме ние? Ајде и ние да посакаме да бидеме со Него како што Тој ни се дава Себеси. Господи, нашиот живот без тебе, нашиот живот без Твојата светлина, без Твојата поткрепа, без Твојата неизмерна љубов која ја изли врз светов – е мрак. Затоа, биди со нас, не нè напуштај. Гледате колку Господ не обдарил со милост, со љубов, посака да не стави оддесно на Оца, Посака да не стави Бог токму во заедница со него. Во прошталната проповед, пред неговото распетие, на Апостолите им рече, Молејќи се кон Отецот: ‘Оче, сите оние што си ми ги дал, сакам да бидат едно, како што сме Јас и Ти едно’. Гледајте за каква заедница и какво достоинство Бог го повикува човекот; и се што направи – се смири како човек, се роди во смирената пештера; на крај, беше распнат на Крст и Воскресна – Направи се да ни ги даде тие огромни дарови, кои ги спомнавме. Да се запрашаме, покрај толку дарови и љубов, христијани мои – каква е нашата одговорност? Неизмерна е нашата одговорност, бидејќи ние сме тие кои можеме да го промениме светот. Тој рече: ‘Вие не сте од светот’, на апостолите ‘но ве праќам во светот’ како да им вели ‘за да го смените светот’. Повторно, одејќи пред Распнување, Ќе цитирам од Евангелието зборови кои им ги кажа: ‘Ајде да станеме одовде’- На Апостолите им велеше. Во духовна смисла, Христијаните, треба да го издигнат умот, над се што е во овој свет, се што е распадливо, трулежно се што е минливо – за да можат да се соединат со Христа, а и меѓусебно да се соединиме. Кога можеше разбојникот на крстот во последниот час да стане жител на Рајот, можеме и ние, мили мои, доколку се покаеме и само повикаме кон Седобриот и Себлаг Спасител, единствената надеж на овој свет – Дојди Христе во моето срце, Ти се предавам, Христе мој Воскреснат, светлино моја, и љубов моја и радост моја; дојди просветли го срцето мое и направи ме светлина.

На крај ве поздравувам, како што Св. Серафим ги поздравувал секогаш луѓето, духовните чеда, и надвор од Пасхалниот период: радости моја, радости мои многу, Христос Воскресна! – Навистина Воскресна! Христос Воскресна! – Навистина Воскресна! Христос Воскресна! – Навистина Воскресна!“

Литијата торжествено се враќа кон Храмот. Пред неа се затворените врати, небаре се тие затворени од за нас пат кон небото. Но, тука е Царот на Славата, Христос, кој еднаш засекогаш ни ги отвори тие порти кон вечноста. Влегуваме во нов живот, обновени од Воскресната благодат, сведочејќи ја со весели восклици таа неменлива вистина – Христос Воскресна. Колку силно се отвора душата за Словото на Евангелието! Пристапете, целивајте го, слушнете го радосниот повик што извира од него, и со сета природа ликувајте, зашто Воскресна Христос!