По филмот „Добриот Вил Хантинг“, за кој добија „Оскар“ за најдобро сценарио, глумците Мет Дејмон и Бен Афлек повторно ќе снимаат заеднички проект. Овојпат тие ќе бидат ѕвезди на новиот филм „Последниот двобој“.
Приказната е за двајца воини од Франција во 14. век, продуцирана и режирана од сер Ридли Скот. Станува збор за адаптација на книгата на Ерик Јагер „Последниот двобој: Вистинска приказна за злосторство, скандал и искушение во битките на средновековна Франција“.
Бен (46) и Мет (48), ќе ги глумат главните улоги, ќе го работат сценариото и ќе го продуцираат филмот преку својата продуцентска компанија „Перл стрит филмс“.
Ова ќе биде првиот филмски проект во кој Мет и Бен ќе глумат заедно, но и ќе го пишуваат сценариото по оскаровскиот „Добриот Вил Хантинг“ од 1997 година.