Македонија се уште нема стратегија за зелените пазари, а се повеќе се намалува и бројот на закупци на тезги поради сивата економија, нелојалната конкуренција и одливот на млади од државата.
Како што беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија, и натаму е актуелна камионска продажба надвор од пазарите. Особено се интензивира на есен, но државата презема соодветни и ефикасни мерки за нејзино спречување.
Пазарџиите очекуваат новиот Закон за трговија на зелените пазари да регулира многу прашања. Законот, меѓу другото, предвидува тезгаџиите да имаат легитимации што строго ќе ја дефинираат нивната дејност и ќе укажуваат што точно продаваат, но и да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, по минимална тарифа, како за индивидуалните земјоделци.
– За здравствено осигурување закупците на тезги ќе треба да плаќаат по 540 денари, а за пензиско 1.500 денари наместо 5.000 колку што се придонесите за најниска плата. Целта на Законот не е дополнително да ги оптовари, туку да стави ред на зелените пазари, рече на прес-конференција Даниела Михајловска од Комората.
И пазарџиите го поздравуваат ваквото решение.
– Убавата вест е тоа што законодавецот за трговците на зелените пазари предвидел повластена цена за здравственото и пензиското осигурување – тарифирање како за индивидуалните земјоделци, истакна претседателот на Комората на трговците на тезги и зелени пазари Златко Шекеров.
Оваа Комора ќе ги издава и легитимациите, но колку ќе чинат и дали ќе се издаваат на годишно ниво, се уште не е утврдено.
Во Хрватска и Србија, прометот на зелените пазарите последниве години бележи пад за околу 25 отсто наспроти продажбата во моловите и големите трговски центри. Ситуацијата е слична и во Македонија, но колкаво е намалувањето не се знае зашто, според Михајловска, нема кој да го измери.
За подобрување на состојбата со зелените пазари, денеска на прес-конференцијата во Стопанската комора Меморандум за соработка потпишаа Групацијата на пазарите и Комората на трговците на тезги и зелени пазари.
Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето, претседателот на Групацијата Звонко Стојчев рече дека активностите околу изградбата на Бит Пазар течат согласно предвидената динамика и првата фаза треба да заврши многу скоро.
Во Македонија има зелени пазари во над 50 општини и околу 20.000 тезги. Само Скопје брои 13 зелени и еден добиточен пазар.