НОВА АНКЕТА: Повеќе од половина од демократите сакаат Бајден да се повлече од претседателската трка

/ 11.07.2024

Повеќе од половина од американските демократи, според новата анкета објавена денеска, сметаат дека актуелниот претседател на САД, Џо Бајден треба да се повлече од трката за Белата куќа по многу лошата дебата со републиканецот Доналд Трамп.

Сепак, според оваа анкета на Ипсос, објавена од Вашингтон пост и Еј-би-си, Бајден и Трамп се изедначени на национално ниво, при што секој има 46 отсто од испитаниците кои имаат намера да гласаат за нив на изборите во ноември.

Мнозинството демократи, 56 отсто од нив и 67 отсто од испитаниците сметаат дека актуелниот претседател (81) треба да ја повлече својата кандидатура.

Половина од анкетираните сметаат дека и Доналд Трамп треба да се повлече. Но, кога станува збор за републиканците, на прашањето за повлекувањето на Трамп од трката, бројката паѓа на 11 отсто.

Доколку потпретседателката Камала Харис го замени Џо Бајден како кандидат на Демократската партија, според оваа анкета, таа би добила подобар резултат од нејзиниот ривал, со 49 наспроти 47 отсто за Трамп.

Бајден сè уште се спротивставува на повлекувањето, кое го поттикнуваат од неговата сопствена партија, но и познатите и богатите од светот на забавата. Преиспитувањето на неговата ментална острина е топ тема со месеци, но неговиот настап на дебатата со Доналд Трамп на 27 јуни беше шокантен, според многумина.

За време на овој телевизиски судир тој често се мачеше со изразување и оставаше впечаток на личност која јасно ја покажува тежината на своите години. Од сите анкетирани, 85 отсто веруваат дека претседателот Бајден е премногу стар за втор мандат, во споредба со 60 отсто кои го чувствуваат истото за неговиот противкандидат Трамп.


Од истата категорија