Со писма до претседателот на Парламентот, Никос Вуцис, шесттемина пратеници што гласаа за доверба на грчката Влада, бараат од сега па натаму, нивните гласови да се бројат заедно со гласовите на пратениците од СИРИЗА за законите што во иднина ќе ги носи владата и за кои ќе биде потребно владино мнозинство, а не гласање со прозивање на пратениците, јави дописничката на МИА од Атина.
Сепак, ова не значи дека тие автоматски ѝ се приклучуваат на пратеничката група на СИРИЗА, дел од нив остануваат и понатаму независни пратеници, а дел членови на Независни Грци.
Станува збор за независните пратеници Елена Кундура и Василис Кокалис (беа дел од Независни Грци), Спирос Данелис (претходно дел од Река), Катерина Папакоста, но и Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис кои иако ја поддржаа владата, сѐ уште се членови на Независни Грци.
Токму за последните двајца имаше реакции и коментари во Грција дека паралелно се и опозициски и владини пратеници.
Откако Независни Грци се повлекоа од владината коалиција, владата, остана со 145-те пратеници од СИРИЗА и го загуби потребното мнозинство од минимум 151 пратеник. Со одлуката на шесттемина пратеници актуелната грчка Влада стигна до потребната бројка.
Со исклучок на Костас Зурарис од Независни Грци и Василис Кокалис, останатите четири пратеници гласаа и за доверба на владата и за ратификација на Договорот од Преспа.
Зурарис во неговиот допис до претседателот на Парламентот во кој бара неговите гласови во иднина да се бројот заедно со оние од владејачката СИРИЗА, пишува дека оваа негова изјава „го исклучува гласањето за ПЈРМ“, односно дека тоа не важи за гласањето за ратификација на протоколот за членство во НАТО.
Танасис Папахристопулос од Независни Грци, според неговите најави се очекува да си замине од пратеничката група на Панос Каменос откако ќе биде изгласан протоколот за НАТО.
За последните случувања и одлуката на пратениците реагираа од опозициската Нова демократија и велат дека станува збор за „парламентарен срам без преседан“.
-Шесте пратеници на господинот Ципрас бланко ја отстапија нивната совест, изјавувајќи дека се подготвени да гласаат што и да донесе во Парламентот. Нова демократија нема да го дозволи ова парламентарно понижување. Денешното полномошно е уставно неосновано, коментираат од Нова демократија