РК Вардар од денеска започнува нова ера, две ракометни легенди ја завршија кариерата, Борко Ристовски и Стојанче Стоилов, но и двајцата остануваат во клубот. Ристовски од денеска е нов извршен директор на црвено-црните.
Претседателот на клубот Михајло Михајловски објави дека се повлекува од својата најодговорна функција како извршен директор и дека клубот го остава во добри раце, односно кај легендите Борко Ристовски и Стојанче Стоилов.
– Благодарам на довербата од Михајловски. Вардар е европски бренд, најдобар македонски клуб и наша задача и цел е да го вратиме клубот на старите патеки. Јас ќе се обидам да работам најдобро што можам, подготвен сум за овој предизвик. Прва цел за новата сезона е да го стабилизираме клубот како на финансиски така и на играчки план. До овој момент имаме потпишано со шест играчи кои тренерите сметаат дека им се потребни. Нови играчи се Стефан Петриќ, левото крило Марко Сердаровиќ, Матија Николиќ од Словенија, Косуки Јасахира, Милтон Мело и Хансен Родригез. Сите овие ќе треба да ги вклопиме во екипата. Ја возобновуваме академијата Вардар, формиравме екипи во сите младински категории и цел ни е да произведуваме млади играчи, а не само да купуваме странци, е првата изјава на Ристовски како извршен директор на Вардар.
Стоилов ќе биде и координатор на сите младински категории во Вардар, од пионери до младинци.