Камен темелник за фабрика за литиумски батерии, инвестиција од 65 милиони евра на германската компанија BMZ Group, ќе биде поставен денеска во Технолошко индустриската развојна зона Скопје.
На настанот е најавено присуство на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера изјави дека инвестицијата ќе отвори 700 работни места, а и претходела напорна двомесечна работа и отстранување на недостатоци што се акумулирале во месеците наназад.
-Со завршувањето на оваа инвестиција ќе биде зголемен извозот, а со зголемување на извозот ќе биде намалена разликата, односно дефицитот меѓу извозот и увозот и на тој начин ќе се зголемува БДП, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања.
Опозициската СДСМ, пак, во реакција на изјавата на Мицкоски наведе дека инвестиција за производство на литиумски батерии била договорена уште во септември минатата година од тогашниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи.
-Потпишувањето на овој значаен договор се случи во Франкфурт и претставува резултат на седуммесечен интензивен процес на преговори, започнат и успешно завршен од страна на СДСМ, соопшти СДСМ.
Фото: БМЗ