Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека Европската Унија усвои нова Регулативата (ЕУ) 2024/1157 на Европскиот Парламент и на Советот од 11 април 2024 година за пратките на отпад (увоз, извоз и транзит на отпад), која влезе во сила на 20 мај 2024 година и со која се менува Регулативата (ЕУ) бр.1257/2013 и (ЕУ) 2020/1056 и се укинува Регулативата (ЕС) бр.1013/2006.
– Целта на новата Регулатива е да се зајакне спроведувањето на законодавството во насока на спречување на илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ и во трети земји, а со цел да се осигура еколошки здраво управување со пратките на отпад во ЕУ и надвор од ЕУ. Регулативата наметнува нови правила за увоз/извоз/транзит на отпад и за земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во која група припаѓа Република Северна Македонија, стои во соопштението.
МЖСПП потсетува дека почнувајќи од 21 мај 2027 година, Европската Унија воведува построги правила за извоз на неопасен отпад. Извозот на неопасен отпад или познат како отпад од „зелена листа “, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите, кои иако не се членки на ОЕЦД, имаат капацитети кои ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад. Сите земји кои сакаат да увезуваат неопасен отпад од ЕУ потребно е да ја известат Европската Комисија за нивната подготвеност и да ја потврдат нивната способност да го управуваат отпадот на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството.
Иако новата Регулатива стапи на сила на 20 мај 2024 година, повеќето одредби ќе се применуваат од 21 мај 2026 година, а повеќето правила за извоз ќе се применуваат од 21 мај 2027 година.
– Согласно регулативата почнувајќи од 21 ноември 2026 година, ќе има целосна забрана за извоз на отпад од пластика до 21 мај 2029 година, вклучувајќи го и неопасниот отпад од пластика (B3011). B3011 е специфичен код за отпад според Базелската конвенција што класифицира одредени видови na отпадна пластика за рециклирање [2]. По овој период (21 мај 2029 г.), земјите кои не се членки на ОЕЦД, заинтересирани за увоз на отпад од пластика, ќе бидат поканети да ја известат Европската комисија и да го покажат својот капацитет да управуваат со таков отпад на еколошки здрав начин, со цел да бидат вклучени во листата на земји кои не се членки на ОЕЦД, а во кои отпадот од пластика ќе може да се извезува од ЕУ.[3] Ова Барање за увоз на отпад од пластика од ЕУ ќе може да го опфати само неопасниот отпад од пластика (B3011), се вели во соопштението.
Согласно новата Регулатива, за да може да се увезува отпад од ЕУ, Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија како надлежен орган за увоз, извоз и транзит на отпад информира дека го пополни Барањето кое е дел од Прилогот 8, кој е составен дел од новата Регулатива, во соработка Државниот инспекторат за животна средина, Царинската управа на Република Македонија и Министерството за економија и труд и се подготвува (преку Владина процедура) да го достави до Европската Комисија најдоцна до 20 февруари 2025 година (како е побарано од страна на Европската комисија). Врз основа на ова Барање Европската комисија ќе одлучи дали Република Македонија ги исполнува условите за управување со отпад и во зависност од тоа ќе одлучи дали земјата ќе биде дел од Листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ.
Видовите на неопасен отпад за кои Република Македонија ќе бара да се дозволи увоз од ЕУ, се дадени во Табела 1. Табелата е изготвена врз основа на податоците за увоз на отпад во земјата за изминатите години, а со кои располага Министерството за животна средина и просторно планирање.
Табела 1. Список на отпад опфатен со барањето
Фото: МИА архива и принтскрин