Наместо разрешување или оддалечување од судската функција, само казна од 30 проценти од платата шест месеци. Контроверзна одлука на Судскиот совет за контроверзниот судија Пајазит Пајзити. Една од најблагите казни за судијата којшто со куќниот притвор му даде шанса на Блерим Рамадани да избега.

Одлуката била донесена во петокот на затворена седница, осум месеци откако поранешниот припадник на УЧК кидна од Македонија пред да биде испорачан на Србија. Членовите на Судски, во ноември исто така на затворена седница ја отфрлиле ииницијатива за утврдување одговорност кај Пајазити, наводно поради немање доволно докази. Постапката, која ја иницираше претседателот Александар Камбовски продолжи и на последната седница мнозинството во Советот се одлучиле само за парична казна.

Со месеци јавноста очекува Судскиот совет да утврди одговорност на сите судии што одлучуваа за случајот Рамадани, освен за притворот и за екстрадицијата, па и кај оние од Кривичниот совет чија одлука некој му ја шепна на бегалецот.

Колку за потсетување, уапсениот Рамадани, на 18 јули се согласил пред судијата Пајазити да биде екстрадиран по скратена постапка во Србија и се согласил да биде суден. Пајазити тогаш му определил притвор. Но, на 22 јули, Рамадани поднел жалба преку својот адвокат во кој навел дека не го разбрал преведувачот кога зборувал за скратената постапка за екстрадиција. Според Законот за меѓународна соработка, изјава за скратена постапка за екстрадиција е неотповиклива и не може да биде повлечена, па оттука Рамадани немал право да се премисли.

Сепак, судијата Пајазити го прифатил премислувањето и згора на тоа иако немало изменети околности и се уште постоела опасноста од бегство, на Рамадани му одредил куќен притвор и тоа да го издржува кај роднини. И официјален Белград побара одговори од државните органи како Рамадани баран преку Интерпол од куќен успеа да избега за Косово.

Ова не е единствената скандалозна одлука на највисокот судско тело од последната седница. Разрешени биле две судики од Скопска Апелација за спорната пресуда за Македонски Телеком. Третата членка на Советот кој носел одлука во случајот е казнета само парично. Според, наши информации станува збор за Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева додека пак парично казнета е судиката Јетмире Ајдини Бошњаку. Со пресудата на Скопска Апелација Телеком беше задолжен да исплати 4 милиони евра на фирмата Фокуснет од Штип. Претставката за оваа пресуда до Судскиот Совет ја поднесе Телеком со тврдење дека била донесена незаконски и поради сомнежи за можна поврзаност на членовите на судечкиот совет со фирмата која треба да ги наплати парите. За случајот предмет отвори и јавното обвинителство.