Во Битола, Ресен и во Скопје, почна снимањето на нова турска серија посветена на големиот турски реформатор Мустафа Кемал Ататурк.
Серијата е во производство на турската продуцентска куќа Линистар Медиа, во соработка со македонската продуцентска куќа Сектор филм.
Актерите од серијата која се снима во старата битолска чаршија, ги посети градоначалникот Тони Коњановски кој од режисерот Мехмед Ада Оѕтекин, беше информиран за текот и динамиката на снимање која се очекува да заврши за десеттина дена.
Главната улога во ТВ серијата ја толкува Арас Булут Ијнемли, актер кој глумеше и во сериите Сулејман Величествениот и други.
Реформаторот на Турција Мустафа Кемал Ататурк бил офицер, револуционер и државник, основач на Турската Република, како и нејзин прв претседател. Ататурк, кој е роден и се школувал во Македонија, станал познат како мошне способен воен офицер за време на Првата светска војна.