Новиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, беше вчера на Сицилија откаде ја почна антиимигрантската платформа, која и го донесе на власт. Сицилија е една од точките каде доаѓаат најмногу имигранти по поморски пат.
Со договорот меѓу поранешната центристичка италијанска влада и властите во Либија лани се намали приливот на имигранти од тоаа земја, но годинава повторно се забележува наплив, а италијанските власти од почетокот на годинава регистрирале 13.500 новопристигнати.
Откако владата даде заклетва, Салвини изјави оти од експертите во неговиот кабинет ќе побара „како да се намали бројката имигранти кои доаѓаат и да се зголеми бројот на протерувања“.
„Добрите времиња за илегалците се завршени – подгответе се да ги спакувате вашите куфери. Државите мора да почнат да ги работат нивните работи и нам не ни требаат повеќе шверцери во пристаништата“, порача Салвини денес.
Неговиот коалициски партнер од Пет ѕвезди, пак, додаде дека невладините организации играат улога „на такси служба“ за превоз преку Медитеранот.
За да го оствари планот, Салвини ќе мора да го намали бројот на прифатни центри и да потпише билатерални договори со земји од каде има имиграција, а не сакаат да ги превземаат назад своите државјани.
Прашањето со имиграцијата ќе биде на дневен ред во вторник на состанок во Луксембург кога ќе се дискутираат контроверзните Даблински регулативи, односно дали бегалците ќе мора да аплицираат за азил во првата земја од ЕУ во која ќе влезат, регулатива со која до сега најпогодени беа Италија и Грција.