Новоименуваниот амбасадор на Македонија во САД, Зоран Попов, денеска го помина и филтерот на собраниската Комисија за надворешна политика.
Тој своите тези за дипломатската мисија во САД ги презентирање пред Комисијата за надворешна политика, зад затворени врати, поради како што истакна претставник на МНР, доверливиот карактер на информациите. Неговото излагање можеа да го проследат само пратениците кои поседуваат безбедносни сертификати.
Со презентацијата на тезите во Парламентот завршени се сите процедури за заминување на амбасадорот Попов на дипломатската мисија во Вашингтон.
Попов на оваа позиција доаѓа од местото државен секретар во МНР.
Пополнувањето на амбасадорското место во САД кои се наш стратешки партнер и НАТО-сојузник, следи по повеќе од четири години од заминувањето на претходниот амбасадор Васко Наумовски.
По затворениот дел, седницата на Комисијата беше прекината заради пленарната собраниска седница. Продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.
Покрај амбасадорот Попов, пред членовите на Комисијата своите тези за дипломатските активности треба ди ги претстават и новите амбасадори во Канада, Агрон Буџаку, во Кралството Норвешка, Дритон Куќи, во Република Словачка, Евгенија Илиева, како и вонредниот и ополномоштен амбасадор на земјава во Кралството Белгија, Методија Белевски.
МНР информира дека за уште тројца амбасадори се добиени агремани и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста и барањето до Собрание за закажување на седница на Комисијата за надворешни работа за нив ќе биде пратена во скоро време. Станува збор за Виктор Димовски кој ќе биде амбасадор во Франција, Агнеза Руси во Бугарија и Јован Манасијевски во Турција.
На седницата на собраниската Комисија за надворешна политика претходно, денеска, едногласно беа усвоени Предлог-законите за ратификација на Протоколите кон Северноатлантскиот договор на Кралството Шведска и Република Финска.
Поддршка за зачленувањето на двете скандинавски земји кон НАТО дадоа пратениците и од власта и од опозицијата, оценувајќи дека станува збор за две пријателски земји кои отсекогаш и давале поддршка на Република Македонија од нејзиното осамостојување, како и за нејзините евро-атлантски аспирации. Предлог-законите за ратификација на протоколите треба утре да се најдат на пленарна седница.