Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите соопшти нови имиња на четворица амбасадори. Тој инфомира дека е започната и евалуација на веќе упатените амбасадори и најави оти е можно повлекување на одредени амбасадори кои нема да ги исполнат критерумите согласно таа евалуација.
Во седиштето на ЕУ во Брисел ќе биде назначен Зулфи Исмаили, кој, ако што рече Османи е дипломат од кариера кој имал еден мандат во постојаната Мисија во Брисел и мандат во Мисијата на ОН во Њујорк. Виктор Димовски, кој досега беше директор на Агенцијата за национална безбедност, ќе замине во Париз, Зекир Рамчиловиќ во Подгорица и Јово Манасијевски во Анкара.
-Имаме и три нови имиња меѓутоа тие се во фаза кога чекаме агреман со одлука на Влада, меѓутоа не можам да ги кажам имињата заради тоа што треба да заврши процедурата на добивање агреман, а тоа е новиот амбасадор во Берн, генералниот конзул во Минхен, и генерален конзул во Торонто, но тука се чека да се заврши процедурата за добивање или егзекватура за конзул или агреман за амбасадор, кажа Османи.
Османи информира дека во вторник ќе има дополнителни предлози за две имиња за амбасадори, но и овие имиња нема да бидат соопштени се додека не се добие потврда од земјата-домаќин.
– Од почетокот на спетември започнав процес на евалуација на работата на веќе упатените амбасадори и тоа за периодот од 1 септември 2021 и 1 септември 2022 година, со точно квантификувани и квалитативни параметри во однос на политичкиот и економскиот дел, во однос на организациско-менаџерскиот дел и очекувам да се направи сериозна евалуација на работата на амбасадори, при што можам да најавам дека може да има и повлекување на некои од амбасадорите кои нема да ги исполнат критериумите согласно направената евалуација, додаде Османи.