Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случаите „Тревник“, „Титаник“ и „Насилство во општина Центар“ на Специјалното јавно обвинителство.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште беа преслушани околу 90-тина аудио снимки предложени од Обвинителството. За случајот „Титаник“ СЈО има предложено над илјада бомби, а на досегашните рочишта преслушани се нешто повеќе од 700 разговори.
Поранешниот премиер Никола Груевски, на обвинителна клупа денеска треба да седне и за случајот „Насилства во општина Ценатар“. За насилствата пред општинската зграда во општина Центар на 10 јуни 2013 година, обвинети се повеќе лица, меѓу кои екс министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелната пратеничка во Собранието Даниела Рангелова и тогашниот советник во општина Гази Баба Александар Трајковски.
На минатото рочиште за „Насилство во Центар“ исказ пред судот даде поранешниот директор на ПОЦ и актуелен градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ.
Во случајот „Тревник“ обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.
Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.
Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.