На предлог на Министерството за здравство, Владата на денешната седница ја усвои информацијата за потребата од обемна реконструкција и доизградба на болничките капацитети во Штип и Тетово, изградба на нов здравствен објект во Кичево, како и инвестиции во опрема и дигитална трансформација на здравството на национално ниво.
Поради сериозни конструктивни и проектни недостатоци кај постојниот објект на Општата болница Кичево, Министерството предлага изградба на целосно нова болница на нова локација.
Новиот објект ќе биде планиран како регионален здравствен центар, кој ќе ги опслужува жителите на Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајас, Вранешница и Демир Хисар.
Проектот за Штип вклучува дооформување на постојниот објект, кој е во напредна фаза на изградба, како и проширување со нов објект за Медицински факултет, катна гаража и уредување на инфраструктурата согласно современи болнички стандарди. Објектот е проценет како технички и архитектонски погоден за комплетирање и функционализација.
Со цел Клиничката болница во Тетово навистина да прерасне во регионален и функционален здравствен центар, Министерството предлага изградба на два нови објекти за специфични дијагностички и терапевтски услуги, како целосна реконструкција и модернизација на постојните павилјони, за подобрување на условите за пациентите и медицинскиот кадар.
Министерството го презентираше и националниот план за дигитализација на здравството, со цел создавање поефикасен, потранспарентен и поврзан здравствен систем, кој ќе се усогласи со европските стандарди.
Клучните иницијативи опфаќаат воведување електронско здравствено досие (ЕЗД), национален eHealth HUB, е-рецепти, е-упати, дигитализација на јавните набавки и телемедицина.
Овие иницијативи се насочени кон системска трансформација која ќе обезбеди побрз, поконтролиран и поинклузивен здравствен систем во корист на пациентите и здравствените работници.
На предлог на Министерството за здравство беше усвоена и информација со која се воспоставува нова институционална соработка со ЈП „Градски паркинг – Скопје“, со цел целосна реконструкција, хортикултурно уредување и дигитализација на паркинг-просторот во клиничкиот центар.
Проектот предвидува уредување со зеленило, LED осветлување и категоризација на паркинг-местата, како и воведување паметен систем со сензори, камери, мобилна апликација и автоматско управување, во согласност со највисоките светски стандарди за функционалност и ефикасност.