Никогаш не сум срамела да се извинам кога ќе погрешам, бидејќи сметам дека е доблесно и човечки, особено кога станува збор за сензитивни информации, кои во случајов се покажаа како неточни, објавува на својот Фејсбук профил новинарката Мери Јордановска.
Имено, на 16 декември на мојот Фејсбук профил објавив дека претендентот за директор на ЗОО Скопје, Стефан Кирков во 2018 година бил осуден на условна казна за измама, но и дека одлежал казна затвор од 3 месеци во Идризово поради неплатена парична казна за друго дело. Втората информација (во однос на затворската казна) според податоците што подоцна ги добив од Кривичниот суд Скопје и по средбата што ја имав со Кирков, се испостави дека е неточна и дека документот, односно отпусниот лист што кружеше на социјалните мрежи е всушност фалсификуван, што може да се види и од фотографијата што ја приложувам. Бројката на предметот покажува дека станува збор за сосема друго лице, а не за Кирков.
Секогаш по 10 пати ги проверувам сите информации што ги добивам и располагам, но во случајов направив грешка и се извинувам за тоа – поверував во документ кој кружи на социјалните мрежи. Памет за другпат – во денешно време секој може да фалсификува документ/фотографија/видео доколку сака да дискредитира некого и затоа треба исклучително да внимаваме што постираме, но и кому веруваме.
Стојам на тоа дека јавните функционери или лицата кои претендираат да бидат на јавни функции се предмет на јавен интерес и треба да бидат, но само преку проверени информации и документи. Затоа и сметам дека ми е должност да објавам кога ќе се направи грешка, како во случајов, стои во објавата.




