На почетокот на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“, одбраната на обвинетиот Јордан Камчев истакна предлог за укинување на мерката притвор или заменување со мерка куќен притвор.
Обвинетиот Јордан Камчев рече дека да сакал да бега, ќе избегал, зашто шест месеци имал времен пасош. Тој побара Судот да одреди разумна кауција што треба да ја достави, за да може да подготвува одбрана од својот дом.
„Ќе кажам прв пат еве пред Вас, бидејќи никогаш не ми беше дозволено пред Кривичниот совет и Апелациониот суд да се изјаснам, ќе кажам дека имав времен пасош, 6 месеци, од месец мај 2019 година, до месец ноември 2019 година. Го искористив 56 пати, за службени патувања.
Последниот пат кога го користев пасошот Почитуван судија, тоа беше четири дена пред истекот на пасошот. На Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку заеднички пријател му пуштив порака дека заминувам службено итно во Истанбул и дека ќе се вратам после два дена. Постојат пораки до Министерот, којшто ќе ги потврди, кога се вратив дента пред да ми истече пасошот го информирав и му се заблагодарив. Е толку е од бегството на Јордан Камчев од Република Македонија. Јас сум одговорен граѓанин во оваа држава, кој што плаќам даноци, којшто вработувам луѓе и за да не настане проблем лично го информирав министерот дека заминувам на пат и се враќам, и ја депонирав патната исправа во суд кога истече рокот. Да сум сакал да бегам, ќе бегав од оваа земја. Што уште сакам да додадам, дека сите овие аргументи што ви ги доставуваме со докази, со докази, не сме имале досега можност да ги доставиме на никого затоа што првпат обвинителката ми достави доказен материјал со кој се правдам за моето можно бегство од Република Македонија. Откако падна во вода фамозната белешка на ерменската АНБ на Република Македонија чија работа и беше воајерски да се занимава со ситуации во Берово, наместо да ги прати тројцата службеници од ОБСЕ што прават со Република Македонија, со името и тоа што не требаше да го прават, јас на Прочка добив, на најголемиот христијански празник порака, на 13 март 2020 година во 8 часот и 40 минути, донесен во Судот да ме уапсат. Не можеа да го направат тоа ни во понеделникот, ни во вторникот ни во средата, знаеја каде сум, не сум бегал, сум бил тука. Сето тоа беше смислена добра акција да ми се прати порака на Прочка, сите знаете што е Прочка заради предметот Рекет и заради конструкцијата што беше правена околу моето рекетирање на фамозната СЈО на чело со Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бојан 13“, изјави Камчев.
Како основ за продолжување на мерката притвор обвинителката навела активни компании на обвинетиот во повеќе држави, за што Камчев посочи дека станува збор за манипулација.
„Обвинителката во сите шест нејзини одговори на жалби до Кривичниот совет и Апелациониот суд манипулира дека јас поседувам фирми во Република Србија, Република Бугарија, Руската Република, Република Хрватска и Република Косово. Почитуван судија, ние тие докази ги добивме минатиот пат, значи 5 месеци ги немавме добиено доказите дека јас поседувам такви фирми. Ги добивме пред 20тина дена и веднаш со мојот тим спремивме одговор и го информиравме и обвинителството и судот во текот на денешниот ден откако ги добивме документите од централните регистри на споменатите земји дека информациите кои што ги доставува обвинителката до Кривичниот совет и Апелациониот суд, а во врска со продолжување на мојата мерка притвор се невистинити и лажни.
Орка Холдинг ,во Белград, точно имала правен субјект кој го регистрирала и кој што го пријавила во Министерството за економија на Република Македонија и во Централниот регистар, истиот работел и на 2ри април 2013 година е затворен.
Имала и втор правен субјект во Белград кој исто така работел, но на 24 септември 2020 година е затворен. Имала 10тина години и компанија во Хрватска која во 2016 година е затворена. Имала и компанија во Република Косово која во 2015 година е затворена. Имало инвестиција во компанија во Руската Република која во 2019 година е продадена, посочи Камчев.
Тој пред судот нагласи дека иако понудил неколку милиони гаранција, во пари, имот и во акции, тој седум месеци седи во притвор во Затворот во Шутка.
– Барам како суд да ми определите потребна банкарска гаранција или кауција, што треба да ја доставам, за да можам да подготвам одбрана од домашни услови – изјави Камчев.
Неговиот бранител, адвокатот Гоце Ристески, посочи дека за обвинетиот доставена е и обемна медицинска документација, за постоење на сериозни импликации за ризик од кардиоваскуларна смртност.