Во празничната кошничка, како и претходно, нема да бидат вклучени алкохолните пијалаци, пивото, чоколадите со јаткасти плодови, апетисаните, тортите и колачите, кои се сметаат за луксузни производи.
Новогодишната кошничка, слична на октомвриската, ќе биде достапна само за празниците, со ограничен број производи, а од МЕТ известуваат дека подготовката е при крај. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека граѓаните повторно ќе имаат можност да набават производи по намалени цени, слично како со есенската кошничка, но не откри други детали. Тој само најави дека во пресрет на зимата ќе стартува новата кошничка, со која, како што истакна, граѓаните повторно ќе ги почувствуваат ефектите како што беше со есенската.
Од Министерството за економија информираат дека се во финална фаза на договор со трговците.
Во месарниците веќе има понуда на прасечко и јагнешко месо, кои чинат 399, односно 599 денари за килограм. Месарите велат дека ова се само промотивни цени, а дали ќе има нови зголемувања ќе зависи од фактот дали овие видови месо ќе влеат во новата кошничка.
Трговците започнаа со подготовка на производите за новогодишната кошничка. Според информациите до кои дојде Телевизија 24 најголемиот дел од прехранбените производи ќе бидат оние кои што беа и во есенската кошничка.
Освен задолжителните основни прехранбени производи како што се брашното, оризот ,маслото за јадње, млекото, во кошничката ќе влезат и дел од месните производи и преработката од месо како и дел од млечните производи.
Новина според тоа што не информираа трговците, во оваа кошничка би можело да биде дел од туршијата која што се продава во маркетите како и дел од конзервираните производи. Од кондиторските производи ќе има мал дел со намалени цени, но не и новогодишните пакетчиња на кои најмногу се радуваат децата
Планот на властите е дека новогодишната кошничка на сила ќе биде од 15 до 30 дена. И додека трае оваа мерка ќе има засилени инспекциски контроли се со цел да не се повтори истата грешка како со есенската кошничка.