Министерството за здравство ќе формира стручната Комисија за случајот со родилката од Делчево, која на 26 декември 2023 година почина на КАРИЛ во Скопје, а била донесена во лоша здравствена состојба од Клиничка болница-Штип.
Од кабинетот на министерот за здравство, Фатмир Меџити за МИА велат дека формирањето на стручната комисија е по препорака на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Оваа Комисија треба да го разгледа начинот на лекување и дали се направени пропусти, а извештајот се очекува за десеттина дена.
Инспекторите на ДСЗИ веднаш извршија увид во Клиничка болница-Штип и КАРИЛ-Скопје, а на 29 декември 2023 преку пишано соопштение информираа за направениот увид на двете Клиники во земјава.
Раководството на Клиничка болница-Штип на 28 декември преку соопштение соопшти за редоследот на настанот и што се случувало на Одделението за гинекологија и акушерство. Во него стои и дека според Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања на Клиничка болница-Штип нема пропусти во третманот на пациентката.
Бидејќи секако овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нашата работа, ќе почекаме да видиме, што е причината за ваквиот исход и дали од наша страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази, стоеше во соопштението на Клиничка болница-Штип на 28 декември.
Новороденчето на 26 годишната родилка е на Одделот за интензивна нега на Детската клиника во Скопје. Директорката на Детската клиника, Валентина Цвејоска-Чолаковска вели дека е подобрена здравствената состојба на новороденчето и не е на механичка вентилација.
Новореденото се уште е на Одделот на интензивна нега и терапија, но подобрено и веќе не е на механичка вентилација. Терапијата и интензивното следење продолжува, на Одделот за интензивна нега. Очекуваме во следните денови да биде префрлено и на одделот за неонатологија, вели за МИА Цвејоска-Чолаковска.