Македонското еколошко друштво (МЕД) со Националниот парк „Маврово“, на 24 февруари со помош на кафез-замка заловија нова единка балкански рис на планината Бистра во близина на селото Ростуше.
Како што соопштуваат од Друштвото, се работи за рисица на возраст од шест до седум години, тешка 15 килограми, и е здрава и витална. Рисицата е крстена Лиса, и е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии на МЕД.
Околувратникот ќе обезбеди нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.
-Во постапката за успивањето на животното и земањето биометриски податоци и примероци асистираше претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, биолог вработен во НП „Харц“, Германија како и вработени во Националниот Парк „Маврово“, информира МЕД.
До сега со радиотелеметрија и GPS лоцирање се заловени девет различни единки рис во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.
На Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, којшто според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус.