Судскиот полицаец со плата од 200 евра не може ни телефонски сметки да плати, а камо ли да стои пред судовите на државата и да ги бранат судиите, објектите или пак граѓаните што влегуваат во судовите, изјави денеска на прес-конференција претседателот на гранскиот Независен синдикат на полиција (НСП), Гоце Делчев пред Министерството за правда каде имаа закажано средба со министерката Рената Дескоска за решавање на проблемите со судската полиција.
На закажаната средба Делчев најави дека пред министерката ќе ги пренесе сите детали за проблемите со кои се соочува судската полиција, и се надева дека ќе наиде на разбирање и заложба за зголемување на паричните износи на сите судски полицајци.
– Судските полицајци не знаат што да прават со 15/16 илјади денари, а одредени луѓе во тие судови имаат и по 100 илјади денари, што мислам дека не е коретно. Уште поголем е срамот што самите тие што ги имаат тие стотини илјади денари, не сакаат ни да помислат на судските полицајци, да помрднат дел од платата за оние фамозни пет отсто кои изминативе дваесетина години одеа година за година, рече Делчев.
Според него, државата со исплата на овие смешни парични суми полека ќе почне да ги губи судските полицајци, тие ќе заминуваат од државата, и ние ќе останеме без работници во судската полиција.
– Доколку државата си дозволи да остане без судски полицајци, ќе треба да се распишуваат меѓународни тендери за судовите да се обезбедуваат со некои работници кои ќе се појават од која било афричка држава или каде било од светот, затоа што некој не сака да сфати дека еден судски полицаец не може да ја има само таа сума што ја има како паричен износ кој е срамен, истакна Делчев.
Прашан за најавениот ветинг во полицијата, Делчев одговори дека ветинг е потребен, но не знаат како ќе се прави, зашто синдикатот не е прашан ниту консултиран за ова прашање.
– Што ќе се прави со тој ветинг не можам да коментирам, затоа што не сум прашан. Да бев консултиран за ова прашање, ќе имав претходно разработена анализа и ќе имав јасен став, но сега не можам да кажам. Се повлекувам од каква било поддршка затоа што за ништо што не сум консултиран, рече Делчев.