Со Годишната програма за работа на НУ Драмски театар во делот на продукцијата се планираат шест претстави за кои е обезбеден буџет од 6.720.000 денари.
Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно согласно со неопходните естетски критериуми кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на Драмски театар.
Управниот одбор на националната установа Драмски театар ја донесе програмата за работа за 2026 година по што Министерството за култура и туризам и НУ ДТС ќе склучат договор за финансирање на годишната програма за работа на установата.
Директорот на НУ ДТС, Роберт Вељановски, за 2026 година во која се одбележува 80-годишнината на театарот ги предложи следните проекти во рамките на драмската дејност:
Прва премиера за оваа година е планирана на 7 март. Станува збор за претставата „Ова е само крајот на светот“ од авторот Жан-Лик Лагарс, во режија на Теа Беговска со планиран буџет од 720.000,00 денари.
„Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски ќе се реализира со буџет во износ од 1.800.000,00 денари, а премиерата е планирана во рамките на централната прослава на годишнината во април.
За реализација на „Федра“ од авторот Расин /„Љубовта на Федра“ Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ предвиден е износ од 1.800.000,00 денари. Премиерата е планирана во јули на фестивалот „Охридско лето“.
„Алиса се враќа дома“ од авторката Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска ќе биде четвртата премиера во продукција на Драмски театар планирана за новата сезона во септември. За претставата е предвидено финансирање во износ од 600.000,00 денари.
Претставата „Трите сестри во Москва“ од авторот Владимир Талевски, во режија на Јани Бојаџи ќе се реализира во рамките на предвидените 900.000,00 денари. Со премиерата ќе се отвори македонскиот Фестивал РУТА Скопје, во октомври.
Шестата претставата со поддршка на Министерството за култура и туризам е „Рекет“ по текст и во режија на Коле Ангеловски за која е предвидено финансирање во износ од 900.000,00 денари.
Во годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам во делот на организација на манифестации и годинава е планиран Фестивалот РУТА. Петтиот фестивал на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски театар од 26 до 31 октомври со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари.
За ставката меѓународна дејност се планирани средства во висина од 2.000.000 денари. Меѓународната соработка ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство, на фестивалите РУТА во Љубљана (Словенија), Загреб (Хрватска), Сараево (БиХ), Белград (Србија) и во Подгорица, (Црна Гора), како и гостувањето во Република Јужна Кореја за кое е планиран износ од 400.000,00 денари.
Во делот на издавачка дејност на Драмски театар, Министерството го поддржува издавањето на „Театарски гласник“ како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмската програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За „Театарски гласник“ се планирани 150.000 денари, а годинава издавачката дејност на театарот ќе биде збогатена со нова монографија на НУ ДТС што ќе се издаде за 80-годишнината на театарот. За монографијата е планиран буџет во износ од 350.000,00 денари.
Годишната програма на НУ Драмски театар, согласно со законската обврска е јавно објавена на веб-страницата на театарот.




