Заменик – министерот за образование Агим Нухиу повеќе од две недели службеното „бмв“ место на паркинг си го остава на крајната десна лента на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, пред влезот на Министерството сместено во поранешна НИП „Нова Македонија“. Вработени во истата зграда велат дека со часови, секојдневно, автомобилот стои паркиран на коловозот. Има и уште неколкумина, охрабрени од заменик – министерот кои си ги оставаат автомобилите пред или зад неговиот и постојано се прави тесно грло во сообраќајот во тој дел на булеварот.
„Речиси без исклучок се паркира пред влезот и тоа во спротивна насока. Доаѓа од Тетово, преминува преку двете полни ленти на булеварот, но никој не го чепка. На автомобилот има и флешери, па очигледно никој не се осмелува ниту да го сопре“, велат вработени во зградата во кој има неколку државни институции.
Во изјава за „Макфакс“ Нухиу се правда дека е можно автомобилот инцидентно да бил оставен на улицата. Го добил пред скоро време како службен и ги наследил флешерите.
„За службениот автомобил има паркинг место зад зградата и тој не треба да стои паркиран пред влезот. Може се случило нешто инцидентно, за кратко време да остане таму, но се трудиме да не го спречуваме сообраќајот. Јас имам возач и не сум посветил посебно внимание дали кога врти преминува преку двете полни ленти. Правилата треба да се почитуваат и важат и за моето службено возило. Во ниту еден случај не би го искористил моето претходно искуство како министер и заменик-министер во МВР за да спречам да ме казнат, а тоа што возилото има флешери е само поради тоа што такво го добив“, вели заменик – министерот Нухиу.
Од Министерството за образование, пак, велат дека флешерите се веќе отстранети од автомобилот на заменик – министерот и дека службените возила никогаш не се паркираат пред зградата на МОН.
Нухиу е поранешен заменик – министер за внатрешни работи, а беше и министер за внатрешни работи во пржинската Влада. Тој до март беше и заменик – министер за правда.