Новите рестриктивни мерки кои предвидуваат скратување на работното време ќе значат 18 – 22 милиона евра загуба за угостителските објекти. Дополнително, ќе ги натераат и да го рационализираат бројот на вработените, предупредува Независната угостителска комора (НУК).

Според НУК, ако ваквите мерки се усвојат, треба веднаш да се донесе и нов сет директна поддршка за угостителите која ќе помогне да се надоместат загубите.

-Нашето внимание денес е насочено кон закажаната седница на Владата на која треба овие одлуки од Комисијата за заразни болести да бидат разгледани и усвоени. Очекуваме и се надеваме дека Владата и премиерот при одлучувањето и дискусиите за оправданоста на овие одлуки ќе ги земе предвид загубите и штетите што ќе бидат дополнително направени со нивното усвојување и дека ќе предложат и донесат одлуки за соодветно обесштетување на угостителите на кои поради ускратувањето на можноста за работа им е направена ненадоместива загуба и штета, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски.

Тој смета дека вчерашните заеднички барања на Независната угостителска комора со здруженијата ЕСНАФ од Битола, ПРИЛЕПСКИ МЕАНЏИИ од Прилеп, ТИКВЕШКИ УГОСТИТЕЛИ од Кавадарци, БИСЕР од Куманово, ЗУТ КРУШЕВО од Крушево, АНТИГОНЕА од Неготино и ОХРИДСКИ ЕСНАФ од Охрид и очекувањата на сите реномирани членки – угостители здружени во овие здруженија со илјадниците угостителски работници вработени кај нив, не биле разгледани, ниту дискутирани на состанокот на Комисијата за заразни болести.

-Спрема нашите груби првични економски процени новата рестриктивна мерка на угостителите ќе донесе директни загуби односно штета во висина од 18-22 милиони евра во угостителската индустрија кои доколку Владата не интервенира на време ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат и покрај тоа што нема да бидат во можност да работат. Новата одлука ќе примора дел од угостителите да направат повторно рационализација на трошоците поготово во делот на вработените, со исклучок на оние што успеале да користат субвенции за плати кои се приморани да ги задржат своите вработени и во наредните два месеца и покрај тоа што нема да можат да работат односно нема да имаат услови да обезбедат работа и остварување на приходи, реагира Јосифовски.

Тој јавно прашува дали сериозно и навистина министерот Венко Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести сметаат дека само со селективни рестриктивни пораки наменети за угостителската индустрија ќе придонесат во грижата за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните.

-Можеби треба малку да прошетаат по улиците низ градовите и трговските центри за да видат колку во останатите индустрии се погрижија со соодветни препораки и протоколи реално да придонесат за заштита на здравјето на граѓаните, заклучува  претседателот на НУК, Јосифовски.