СAД и Русија постигнаа договор да почнат разговори за контрола на оружјето овој месец, бидејќи единствениот важечки договор меѓу двете најголеми нуклеарни сили истекува за помалку од една година.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за контрола на оружјето, Маршал Билингслеа, изјави дека постигнал договор со рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за времето и местото за преговори во јуни.
„Кина е исто така поканета. Дали Кина ќе се појави и ќе преговара со добра волја“, запраша Билингслеа на Твитер.
Неименуван официјален претставник на администрацијата на Трамп изјави дека преговорите ќе почнат на 22 јуни.
Русија понуди да се продолжи договорот СТАРТ, што истекува во февруари, но Трамп сака нов договор што би ја вклучил Кина.
Москва смета дека идејата е нереална, бидејќи Пекинг одбива да преговара за каков било договор што ќе го намали неговиот нуклеарен арсенал, што е многу помал од американскиот и рускиот.