Во врска со деталните урбанистички планови во Скопје, група граѓански организации и иницијативи денеска испратија јавен повик до премиерот Зоран Заев од кого бараат Владата и сите надлежни институции итно да се произнесат и да покажат суштинска волја за борба, како што наведуваат „против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес“.

Според нив,  јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата, нагласуваат тие, е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира и санкционира кога тој е загрозен.

Последен меѓу многуте, како што велат, драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц 08Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел „Холидеј ин“), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.

-ДУП Ц08 -Ново Маало 2 беше ставен под т.н.„мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП. Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Потсетуваме дека овој план се изработува од приватна фирма која го добила тендерот со цена од само еден денар по хектар, што отвора простор за сомнеж за тоа чии интереси таа ќе остварува, пишува во повикот на граѓанските организации.

Потписници на јавниот повик се: Здравје пред профит во Центар, Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС), Институт за комуникациски студии (ИКС), О2 Иницијатива, Македонски еколошко друштво (МЕД), Македонски институт за медиуми (МИМ), Центар за економски анализи (ЦЕА), Центар за европски стратегии Евротинк, Ние сме Карпош 4, Плоштад Слобода, Прима Центар, Скопје Креатива, Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Нво Инфоцентар Скопје, Коалиција за одржлив развој – КОР Скопје.