Обединување на албанската опозиција со цел завршување на речиси 20 годишното владеење на ДУИ и Али Ахмети. Алтернатива, Беса и Демократското движење на Изет Меџити ја промовираа коалицијата „Европски сојуз за промени“. Порачаа дека главна цел ќе им биде борбата со корупцијата и испраќањето во историјата на како што го кажаа злото ДУИ, која од своето основање во 2002-ра, само две години беше во опозиција, во периодот од 2006-та до 2008-ма година, известува Алфа.
-Желбата на албанскиот народ за промени е толку голема што нас не натера да ги заборавиме разликите од минатото. Како што може да видите и покрај тоа што порано сме си размениле тешки зборови, денес сме заедно. На Али Ахмети и на сите негови слуги сакаме да им порачаме следното, подготвени сме, прочитани сте, тргнуваме во конечна демократска битка за искоренување на злото кое го произведувате за албанскиот народ, изјави Билал Касами, претседател на Беса.
Гаши, Касами и Меџити се на ставот дека претседателските и парламентарни избори треба да се одржат во ист термин. Порачаа дека државата подолг период би била блокирана ако има два изборни циклуси, но и дека тоа ќе претставува непотребно трошење на парите на граѓаните.
-Заедно со претседателските избори, мислам дека треба да бидат и парламентарните и граѓаните да не ги мачиме два пати и да не трошиме многу буџетски пари на граѓаните. Но и рокот во кој државата би била заробена би било 6-7 месеци ако ги одвоиме парламентарните и претседателските. Така да, кога и да е јас сум убеден дека дента на изборите, вечера вака може да ве повикам да славиме заедно, изјави Африм Гаши, претседател на Алтернива.
Еден од главните постулати на оваа коалиција се и евроинтеграциите, но имаат и свој услов за поддршка на уставните измени. Покрај внесувањето на Бугарите, бараат и бришење на 20 проценти за абанскиот јазик, со што тој во Уставот би се израмнил со македонскиот.
-Кога има простор и време значи за многу помали заедници, со што се става и се дефакторизира и се става во прашање и бадинтеровиот принцип, кој што беше клучен принцип за да престане војната и да има Рамковен договор, тогаш треба да има време и за втората заедница, за Албанците и еднаш засекогаш, сите знаеме дека тоа 20 проценти се однесува на албанскиот јазик, треба јасно и гласно да стои во Уставот албански јазик како службен јазик, изјави Изет Меџити, претседател на Демократското движење.
Испратија порака Алијансата на Албанците да соработуваат за претстојните парламентарни избори, но таму најавија самостоен настап. Партијата на Таравари во моментов е дел од владејачката коалиција со СДСМ и ДУИ.