Селанецот јаде кога е гладен, но обично два пати во денот: рачок и вичера, а во текот на летото четири пати, и тоа: наутро, пред да започне со полската работа (копање, косење, жнеење итн.) пуапка или поапка, околу девет часот рачок, околу три и пол часот – ужина; и околу осум или осум и половина часот навечер – вичера.

Кога поапнуват во полето, јадат леб, сирење, кромид и тоа што останало од вечерта. Специјална храна за поапка не се готви. За рачок обично нешто се готви за тупајне или макајне (т.е. да може да се мака). За ужина исто така не се готви нешто особено, туку се јаде обично нешто што останало од ручекот или пак: сирајне, крумид, лук, риба, таратор.

За таратор очистуваат неколку чешниња лук, ги истолчуваат во една длабока чинија, потоа го посолуваат и потураат со вода и киселина. Кога се е вака готово тогаш се срка. Прво ставаат парче леб во устата, а потоа со лажицата сркаат од тараторот. За вечера се готви како и за ручекот.

Во полето софра им претставува мисаљ – дебела платнена, четвртеста крпа, во која се врзува леб. Прво се става на земјата вреќа, а преку неа се става мисаљот, а на него се ставаат лебот и храната. Дома за поапка и ужина софра не се поставува. Софра се става само кога се руча и вечера.

Софрата е круг од штици. Височината и е 25-30 сантиметри. Софрата не се покрива со чаршав освен кога е некој гулем ден (благ ден); а во последно време се угледуваат на граѓаните и дури и во обичните денови, кога ќе им дојде гостин ја покриваат софрата.

Никој не седнува да руча додека не ги измие рацете. И во полето и во семејството сите ручаат заедно, само ако се очекува некој, на децата им даваат порано да ручаат или да вечераат, за да не заспијат гладни. Зашто тоа не е добро.

При ручекот на чело седи домаќинот десно од него се поредуваат мажите, а лево жените. Додека домаќинот не почне да јаде ниту еден член не започнува. Кога сите ќе седнат домаќинот се прекрстува, благуслови, ако работат се вели „Ајарлија работа! Сус здраве да са прачеке вршејне! (ако жнијат) „сус здраве да ги прачекме воја леб!“ ако ги прашат пченките: „Госпуд да даде здраве и време, сус леко да и суберме…! Ако копаат лозја: „Госпуд да даде век и здраве, сус мирак груздубер да прачекме, пикмез да варме, вино да правме…! Ако е празник: „Динешин ден за в’ година много гудини (некои велат вного и ного гудини), сус здраве да гу испратме (ако е Велигден) Св. Тума да ги дучекаме и Ѓурѓевдин и Св. Спас да гу испратме…! итн.

Кога домаќинот ќе заврши со благословувањето започнува помладиот што седи до него обично со зборовите: „ка е арно и ка риче старијут – Госпуд да даде…! Кога сите мажи ќе се прекрстат тогаш почнуваат жените, и тоа најпрвин најстарата па потоа другите жени според староста.

Децата само се прекрстуваат. Постарите бараат од децата да се прекрстат. Ако некое дете оди на училиште од него бараат да им ја чита молитвата „Оче наш“. Ова особено им се допаѓа. Кога ќе заврши со молитвата тогаш обично домаќинот му вели. „Да си жив, да си здрав, гулем да пурасниш… Госпуд да ти даде век и касмет…!“
Додека сите не се прекрстат домаќинот не почнува да јаде и тогаш пак прашува: „Са прекрстите сите? И не чекајќи одговор, почнува да го крши лебот. Откако ќе се стави софрата се отстранува ракијата. Многу се ретки случаите уште по еднаш да се напијат ракија откако ќе седнат да ручаат. Ова се работи само на свадбите. После првиот залак срамота е да се пие ракија.

Лебот се сече на филии (парчиња) со нож што само за тоа се употребува. Да се забодуваат ноктите во лебот и да се крши со раце е греота. Кога лебот се сече и се става на софрата се внимава средината да биде свртена кон средината на софрата а кората кон ивицата. Пресеченото парче свртено со горната кора надолу, а долната нагоре е греота. Да се гази леб или да се седи на него, исто така е греота.

Сите јадат од една чинија. Лажиците повеќе се употребуваат од бунелите (вилушките). Има многу во селото што ги ставаат вилушките на софрата само кога има панаѓур и кога ќе им дојдат гости кои со нив не знаат дури ни да ракуваат. Во последно време ги имитираат граѓаните, ставаат вилушки дури кога ужинаат леб и кромид.

Месо од чинијата најпрвин зема домаќинот, а по него другите. Ако на децата не им се допаѓа сосот, или она со што е варено месото, треба да чекаат додека таткото не ја извади мрвката, така и тие да земат. Не чини да се седне на софрата, па да се станува и пак да се седнува зашто поради тоа среќата се налутува и заминува. Кога се јаде не треба многу да се зборува, а најмалку да се шегува и да се смее.

Кога некој ќе го заборави залакот значи дека некој од роднините останал гладен. А кога залакот ќе падне од устата значи да имиш душмајне (непријатели) и дека ѓаволот им помага да ти ја земат среќата. Кога ќе јадеш колку и да си гладен треба да оставиш парче леб, зашто не чини се да се изеде, за да не си ја изедеш и својата среќа. Греота е да се јаде со лежење или да се лежи додека софрата стои поставена.

Кога некој ќе се најаде станува без да ги чека другите. Ова важи за работни денови. Кога софрата ќе почне да се поставува не чини подолго време да стои празна. Кога се завршува јадењето, се гледа на софрата да остане парче леб за кучињата зашто кучето што се рани со ронки е луто и добро ја чува куќата. Кога ќе се крене трпезата сите повторно се крстат дури и оние што порано станале. Кога некој гостин за време на ручекот го канат да јаде тој обично им одговара: „Јадех, Госпуд ’ного нек’ ви даде!“

Кога ќе се крене тропезата ако под софрата немало чаршав или черга тогаш се зачистува. А ако имало черга таа се собира и надвор на кучињата им се истресува. Кога пијат вино мажите наздравуваат онака како што е кажано кај Божик. Жените не благословуваат туку обично велат: „Ка ричете, така нека биде!“ Девојките не пијат вино, а и ако некоја пие не благословува.

На софрата храната ја донесуваат по овој ред: кисела чорба, потоа едно од овие три јадења; сарма сус кисела каша, или ќуфте сус каша, дулма сус кисала каша, или без каша, потоа јанија, рибник, па пичено месо, пиљав, или сутлијач, или нешто сукано како баница, сусамница, саралија, ашлама, лукуми итн.

По оваа храна се извадува и овошје: грозје или лубеница. Не чини двајца во исто време да престанат да јадат, зашто во еден ден ќе умрат.

Од книгата „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ од Стефан Тановиќ, Београд 1927 г. (Подготви Марко Китевски)