Подеталните барања на Франција во врска со методологијата на преговарачкиот процес ќе бидат изнесени на состанокот на министрите за надворешни работи и Европа на земјите од ЕУ, кој ќе се одржи на 19 ноември во Брисел, а проширувањето на Унијата и формално ќе биде на дневен ред на средбата. Прашањето ќе се дискутира, но не се очекуваат конкретни заклучоци.
Министрите на земјите-членки на ЕУ, кои се поддржувачи на проширувањето инсистирале да биде вратено проширувањето на агендата што поскоро. Тие на состанокот ќе разговараат за состојбата во која се наоѓа прашањето во овој момент, а дипломатски извори за МИА додаваат дека очекуваат Франција да поднесе подетални барања за предлозите за реформа на методологијата на процесот на проширување.
Проширувањето и блокадата на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија биле тема на дискусија на завчерашниот неформален амбасадорски состанок во Брисел. Дипломатите ова го толкуваат како обид да се одржи во живот темата за проширувањето на ЕУ и политички сигнал дека ЕУ не се откажува од оваа политика.
Според досегашните неофицијални најави кои доаѓаат од Париз, францускиот предлог значи дека земјите кандидати би можеле побрзо да ги користат придобивките на ЕУ во некои области каде што напредуваат, без да го чекаат полноправното членство, но од друга страна процесот би бил реверзибилен, односно земја кандидат би можела да изгуби некои бенефиции ако ја промени политиката или почне да назадува.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар во однос на новата методологија на преговарање, вчера истакна дека високата политика треба да се остави во Брисел, а Делегацијата на ЕУ останува тука, без оглед дали земјава добила или не датум за почеток на преговори со Унијата.
– Многу е рано да се зборува за новата методологија. Како што кажав и претходно, тоа треба да се остави на високата политика на земјите членки и на дискусиите во Брисел. Она на што ние треба да се фокусираме е што можеме да направиме како ЕУ делегација, за да им покажеме на луѓето дека сме тука да ја продолжиме поддршката, рече Жбогар.
ЕУ е најголемиот донатор во земјава, со над 90 милиони евра на годишно ниво за поддршка на национални реформи во различни сектори. Освен Инструментот за претпристапна помош (ИПА), ЕУ има и други можности за поддршка на земјава на нејзиниот пат кон полноправно членство.
Претседателот Стево Пендаровски идната недела ќе се сретне со неговиот француски колега Емануел Макрон и ќе има можност директно од шефот на француската држава да ги слушне ставовите на Франција за проширувањето и за новата методологија на преговарање. Средбата со Макрон ќе се одржи на 12 ноември, кога Пендаровски ќе учествува на Парискиот мировен форум.
А претседателот вчера на средбите во Рим осврнувајќи се на одлуката на Советот на ЕУ да не ги започне преговорите за пристапување на Северна Македонија во Унијата истакна дека, иако неповолна, ваквата одлука не смее да биде демотивирачка за нас, бидејќи како што подвлече, европеизацијата на нашата држава е неповратен процес за којшто постои јасен државен консензус, и за нас, друг одржлив алтернативен модел нема.
Нагласи дека сите политички чинители во Северна Македонија имаат обврска да ги спроведуваат обврските коишто произлегуваат од европската агенда во интерес, пред сè, на граѓаните.
Северна Македонија беше блокирана на последниот Европскиот Совет од страна на Франција, додека на отпочнувањето на пристапните преговори со Албанија се спротивставија и Холандија и Данска. Франција бара да се реформира процесот на преговори и неговата методологија, но за сега Париз не поднел конкретни предлози за оваа реформа.