Протоколот за работа на угостителските објекти, утврдува дека работното време е ограничено од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.

Келнерите задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце, а ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

Се определува одговорно лице за менаџирање на гостите.Се обезбедува растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.

Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри.

Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција

Протоколот утврдува дека е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства.

Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)