Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор потврди дека вчера телефонски разговарал со новоизбраниот американски претседател Џo Бајден.

Двајцата лидери дискутирале за миграција, пандемијата на Ковид-19 и билатералната соработка.

– Разговорот беше пријатен и полн со почит … Сè укажува на тоа дека односите меѓу двете земји ќе бидат добри и во корист на нашите народи, информира Лопез Обрадор во кусата објава на Твитер.

– Двајцата лидери во денешниот телефонски разговор, се согласија дека тимови од двете земји ќе работат заедно за да создадат заеднички пристап кон развојот и ја истакнаа потребата од заедничка соработка во борбата против пандемијата, соопшти мексиканското Министерство за надворешни работи.

Мексиканската Влада исто така потврди дека започнала разговори со Вашингтон за наредбата поврзана со коронавирусот, потпишана од Бајден, со која се воведуваат нови санитарни услови за луѓето кои влегуваат на територијата на САД.

Мексико игра клучна улога во плановите на Бајден за реформа на миграцијата, а на почетокот од месецов Мексико помогна во координирање на напорите во Централна Америка да се запре голем број мигранти кои се упатија кон САД.