Министерството за образование и наука денеска објави Конкурс за прием на ученици во 18 јавни ученички домови во учебната 2020/2021, во кои учениците од средно образование ќе бидат сместени и ќе имаат исхрана.
Слободни се вкупно 2553 места во ученички домови во Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Македонски Брод, Охрид, Свети Николе, Струмица, Струга, Скопје и Штип. Во главниот град, во пет ученички домови, слободни се вкупно 888 легла.
Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот www.konkursi.mon.gov.mk. Рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во II, III, IV година почнува од 24 јуни и трае до 1 јули 2020 година. Рокот за електронското пријавување на учениците кои се запишани во I година почнува од 2 јули и трае до 9 јули 2020 година.
Учениците кои имаат поднесена електронска апликација, комплетната документација треба да ја достават од 4 јули до 15 јули 2020 во ученичкиот дом во кој се пријавиле за сместување.
При прием во ученичките домови првенство ќе имаат ученици запишани во I, II, III или IV година во Државното средно училиште Спортска академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови во земјава.
Во Конкурсот се наведени условите за прием, начинот и рокот за пријавување, потребните документи и постапката за прием.