Првиот круг гласање на претседателските избори генерално доби позитивна оценка од меѓународните набљудувачи, но со забелешка дека сé уште има потреба од реформи во изборното законодавство.
– Овие мирни генерално добро организирани избори покажаа дека може да се изнајде политички волја за одржување демократски избори, рече Серин Мобурн, специјална координаторка и шеф на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.
Таа истакна дека овој конструктивен пристап мора да се задржи и во вториот круг, како и во иднина и подвлече дека ќе биде вложен вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно да се решат долгорочните предизвици.
Мари-Кристин Дало, шеф на делегацијата на ПССЕ изрази жалење што излезноста беше мала за претседателските избори. Според неа, државните претставници внимавале да ја задржат одвоеноста меѓу службените и политичките активности и да избегнуваат користење државни ресурси во кампањата.
Сите тројца кандидати, како што истакна шефот на ПС на ОБСЕ Рајн Холд Лопатка, се залагале за натамошна европска интеграција и дека во кампањата се расправало за суштински проблеми со дебати за нивните визии за иднината на земјата.
Според него, транспарентноста и ефикасноста на ДИК била отежната од техничка неисправност на нивните информациски системи што предизвикало сомнеж за безбедноста на информатичката технологија.
И шефицата на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер се согласи со нејзините колеги дека изборите беа добро спроведени, нагласувајќи дека може многу да се постигне доколку постои политичка волја.
– Недоволно изедначено известување за средствата потрошени од страна на кандидатите, регулирањето на активностите за кампањата на трети лица и известувањето од страна на политичките партии кои ги поддржуваа кандидатите ја намали транспарентноста на финансирањето на кампањата и ефективноста на надзорот, рече Јонкер.
Со позитивна оценка на првиот круг од претседателските избори излезе и Граѓанската асоцијација МОСТ. Оттаму посочуваат дека во текот на изборниот ден биле забележани само неколку изолирани случаи на неправилности што не влијаеле на квалитетот на изборниот процес и на кои имало соодветна реакција од надлежните органи.
– Првпат по подолго време бевме сведоци на поголем број дебати помеѓу кандидатите преку кои на гласачите им беше овозможено да направат информиран избор, рече на вчерашната прес-конференција извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов.
МОСТ го поздравува објавувањето на регистарот на службени возила од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) бидејќи, како што рече Алексов, беше од помош на медиумите и набљудувачите да следат и идентификуваат потенцијална злоупотреба на службените возила за потребите на изборната кампања.
МОСТ ја повторува својата препорака дека во најскоро време надлежните институции треба да ги отстранат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список.
Дека првиот круг од претседателските избори и предвремени избори за градоначалник на општините Охрид, Ново Село и Дебар беа споведни добро и во фер атмосфера покажува фактот што во Управниот суд не примиле ниту една тужба.
Според претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, неподнесувањето на тужби претпоставува дека изборите минале во фер атмосфера, а очекувањата на Судот се дека таквиот тренд ќе продолжи и по завршување на вториот изборен круг.