Изборниот ден беше мирен, а изборите конкурентни, но водечките партии имаат системски предности. Апаратите за отпечаток од прст го успорија гласањето. Броењето на гласовите генерално било добро, но имало проблеми со сумирањето. Забележано било групно гласање, притисоци и купување гласачи, стои во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во Македонија.

Локалните изборите беа конкурентни, а основните слободи беа главно почитувани, но бројните недостатоци во правната рамка ја нагласуваат потребата за сеопфатна реформа. Водечките парламентарни партии имаат системски предности, особено во распределбата на јавните ресурси за кампања, вклучително и во медиумите, се наведува во прелиминарниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во Македонија.

Набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти и вкупно 165 набљудувачи од 29 земји.

„Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист“, изјави шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Тана де Зулуета, презентирајќи ја прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од локалните избори во земјава што се одржа вчера.

Таа рече дека во земјава за првпат се гласа со биометриска идентификација на гласачите и оти набљудувачите забележале често проблеми со апаратите и распространета неможност успешно да ги скенираат отпечатоците. Повеќето избирачки одбори се справија со овие проблеми професионално, рече таа.

„Изборната администрација го почитуваше повеќето законски рокови, но нејзината способност да си ја заврши работата беше ограничена од лимитираниот персонал и оперативниот капацитет. Доцната имплементација на апаратите за биометриска идентификација на гласачите создаде дополнителни предизвици во спроведувањето на изборите“, рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија. Тана де Зулуета.

Во прелиминарниот извештај се посочува дека немаше пилот-проект за фингерпринт-апаратите и претходно не беше спроведено сеопфатно тестирање или проценка на квалитетот на апаратите за отпечаток од прст.

Де Зулуета оцени дека изборниот ден генерално бил мирен. Кампањата беше генерално мирна, со изолирани инциденти.

„Изборниот ден, вклучително и пребројувањето на гласовите, беше оценето како позитивно во целина, и покрај честите проблеми со биометриските уреди, групното гласање и некои процедурални грешки при броење и табелирање. Објавувањето на информации за изборите, како и прелиминарните резултати за секое гласачко место ја зголеми транспарентноста“, рече таа.

Набљудувачите забележале проблеми со тајноста на гласањето и широко распространето групно гласање, што негативно влијае на учеството на жените.
Броењето на гласовите генерално било позитивно оценето на најголем дел од гласачките места, но набљудувачите забележале непотребно мешање во пребројувањето од страна на претставници на учесниците во изборите.

„Сумирањето на резултатите беше негативно оценет во многу извештаи од набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХ, главно поради несоодветни услови и лоша организација“, стои во прелиминарниот извештај.

Се наведува дека немало рамномерна застапеност на жените во партиските кампањи, како и дека е потребен различен процент на собрани потписи за независни кандидати во различни општини, што е во спротивност со добрите меѓународни практики.

„Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР забележале изолирани инциденти на заплашување на кандидати и има наводи за притисок врз кандидати да се повлечат, како и кредибилни тврдења за притисок врз гласачи и купување гласови. Додека неколку истраги за поединечни случаи беа започнати пред изборниот ден, политичките лидери презедоа само ограничени акции да реагираат на таквите обвинувања“, се наведува во извештајот.

Во извештајот се нотира што биле усвоени амандмани во Изборниот законик по брза постапка непосредно пред изборите без поширока јавна дебата и без консултација со клучните чинители, како ДИК. Де Зулуета рече дека амандманите во најголема мера се согласни со нивните препораки, но други препораки не биле испочитувани.

„ОДИХР постојано ја нагласува потребата Парламентот да презеде сеопфатна реформа во изборното законодавство во … Македонија придружена со широка јавна консултација. Тоа ќе овозможи да се донесе цврсто законодавство што ќе им служи на луѓето од земјава“, нагласи Де Зулуета.

Имало проблеми и со луѓе во избирачкиот список, непристапност на гласачките места за лица со хендикеп, како и нејаснотии во врска со финансирањето на кампањата.