Ризикот од војна на просторот на ОБСЕ е поголем од кога било во последните четири децении, изјави полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау.
Рау во своето обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ истакна дека земјите-членки се соочуваат со бројни предизвици за мирот и безбедноста.
– Причините за зголемениот страв во нашите општества се воени конфронтации, радикализација, тероризам, проблеми во режимот на контрола на ограничувањата на оружјето, пандемии, кршење на слободите на поединците, објасни тој.
Тој рече дека случувањата во Казахстан даваат причина за голема загриженост, посочувајќи дека обидот за решавање на постоечките конфликти на просторот на ОБСЕ ќе биде во фокусот на Полска за време на едногодишното претседавање со организацијата.
– Сакаме да посветиме поголемо внимание на зголемување на безбедноста на просторот на ОБСЕ, особено на изнаоѓање решенија за постоечките конфликти. ОБСЕ е добро место за решавање на конфликтите бидејќи дава можност да се изразат ставовите на сите страни, нагласи Рау, додавајќи дека Полска е отворена за дијалог и предлози за намалување на тензиите.
Тој ја истакна потребата за фокусирање на мирно решение на конфликтот во Украина, „притоа почитувајќи го територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во меѓународно признатите граници“. Рау посочи дека е неопходно да се најде решение и за конфликтот во Грузија, но и да се стави крај на решавањето на конфликтот околу Придњестровје и Нагорно Карабах, кои имаат влијание врз регионалната безбедност.
– Силата на ОБСЕ се наоѓа во нејзиниот потенцијал за ефективност и подготвеност во спроведувањето на нејзината Повелба, спречување конфликти, решавање конфликти и постконфликтно закрепнување. Полска особено ќе се фокусира на инструментите обезбедени од ОБСЕ, истакна шефот на полската дипломатија.
Рау, сепак, рече дека сè зависи од подготвеноста на земјите-членки да ги решат конфликтите. Тој посочи дека ОБСЕ не е само платформа за соработка меѓу 57 земји, туку заедничка определба за градење мир и иднина без конфликти и војна. Полскиот министер нагласи дека историјата мора да се земе предвид за да се избегнат грешките од минатото.
Полска од 1 јануари официјално го презеде претседавањето со ОБСЕ од Шведска, а Македонија, која ќе претседава со оваа организација следната година, ќе биде во Тројката на ОБСЕ.