По повеќе од една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија десетици млади луѓе, обвинението против полицајците осомничени за пожарот ќе биде поднесено на почетокот на декември, најави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Иако првично беше најавено дека истрагата ќе заврши во септември, Коцевски објасни дека во изминатиот период биле сослушувани нови сведоци, поради што обвинителската одлука е одложена за почетокот на следниот месец.
26 полициски службеници се под истрага, а истражните активности ги води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, против 26 полициски службеници осомничени за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Паралелно, во кочанското Обвинителство сè уште трае предистрагата против вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), поврзана со објавената комуникација меѓу синот на сопственикот на „Пулс“ и инспектори од Управата, кои по медиумските откритија беа суспендирани.
Судењето почнува следната недела во Идризово
Следната среда треба да започне судењето против 34 обвинети и три правни лица, што се поврзуваат со случајот „Пулс“. Обвинителството веќе ја подготвило стратегијата за застапување на обвинението во судница, а обвинителскиот тим е проширен на 15 обвинители.
„Обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што работеа и досега, но ангажиравме уште неколкумина за да не се наруши работата на другите. Целта е процесот да не се одолговлекува и да нема одлагања по вина на Обвинителството“, изјави Коцевски.
„Маршот на ангелите“ во Скопје – порака од семејствата на жртвите
Во пресрет на судењето, во сабота маршот „Ангели на Пулс“ се сели во Скопје. Роднините на загинатите најавија дека ќе продолжат со мирни протести до завршување на судскиот процес.
„Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот“, порачаа семејствата на жртвите.
Европската комисија: трагедијата откри системски пропусти
Пожарот во „Пулс“ е спомнат и во Извештајот на Европската комисија, каде се наведува дека случајот открил трајни системски слабости во спроведувањето на антикорупциските политики и безбедносните стандарди.
Коцевски се согласи со оценката на ЕК, но не ги коментираше најавите на премиерот за дисциплински мерки против судии и обвинители, оценувајќи дека тоа се „политички изјави“ кои може да создадат непримерно влијание врз судството.
Обвинителството без доволно кадар и буџет
Обвинителот предупреди и на сериозен недостиг на кадар и финансии во системот.
„Во моментов работиме со само една третина од потребниот број – околу 360 вработени, наместо 1.126. И во 2024 и 2025 година, Министерството за финансии не ни дозволи ниту едно ново вработување“, рече Коцевски.
Според законот, Јавното обвинителство треба да добива 0,4 % од државниот буџет, но реално добива само 0,2 проценти, исто како и минатата година.
Контекст: трагедија што го разбуди системот
Пожарот во дискотеката „Пулс“ останува една од најтешките несреќи во поновата македонска историја, што отвори сериозни прашања за работата на институциите, корупцијата, безбедносните стандарди и контролните механизми.
Очите на јавноста повторно ќе бидат вперени кон судницата – со очекување дека овојпат правдата нема да гори заедно со спомените на младите што ги загубија животите




