Четвртообвинетиот Даниел Станчев, четвртообвинетиот во случајот „Софтвери“ кој денес доби казна затвор од 4 години, ја запроси обвинетата Ирена Ивановска после изрекувањето на пресудите во случајот откако обвинителката побара притвор за него затоа што имало опасност да избега оти бил неженет. Обвинетиот се сврти кон обвинетата Ирена Ивановска која денес доби 3 и пол години затвор, кажа дека е вљубен во неа и ја побара за жена.

„Во однос на мојата семејна состојба која за обвинителката е околност дека како неженет би се дал во бегство, еве со моето срце јавно ја прашувам Ирена Ивановка дали ќе се омажи за мене. Дали ти после осум години ќе се омажиш за мене. Ти си единствената причина поради која останав во оваа земја“, клекна на колена Даниел, а Ирена Ивановска му одговори со „да“.

Судијката им честиташе пред да се повлече од судницата за да решава дали ќе им одреди притвор, а останатите во судница останаа со изненадени лица.

„Прекрасен момент за вас двајца, ви честитам“, рече судијката Фанка Јанчулева Михаиловска од Основниот кривичен суд Скопје.

По ова беше дадена пауза за да се одлучи на барањата за притвор.

.