Додека го истражува случајот за загадувањето на водата во Струга, Основното јавно обвинителство затекнало работни машини на две правни лица од Велешта кои кршеле, ископувале и транспортирале карпи во поголем обем во непосредба близина на изворите во селото Шум.

Поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето“, соопшти министерството.

Од Обвинителството информираат дека продолжуваат да обезбедуваат докази и испитуваат евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум, од каде Струга се снабдува со вода.

Од чешмите во Струга тече темнокафеава вода, а првичните анализи на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) покажаа дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното. Водата беше прогласена за технички неисправна и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена.

Директорот на локалниот ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски си поднесе оставка од морални причини, откако повеќе денови опстојуваше кризата со загадената вода. Тој состојбата со водата ја окарактеризира како „катастрофална по здравјето на граѓаните“.

Ова го вклучи алармот и настапи Обвинителството со своја истрага.