Полициски екипи вечерва се во околината на селото Бујковци, каде жителите пријавиле дека виделе непознати летало со бела боја, кое летало многу ниско над нивите околу селото и претпоставувале дека се урнало, објави Телма.
На новинарските екипи не им е дозволен пристапот до местото кое го обезбедува полицијата и врши увид. Според првичните информации, жителите на Бујковци, кое се наоѓа во непосредна близина на рафинеријата „Окта“ и Скопскиот аеродром, тврделе дека се работи за беспилотно летало, односно дрон.
Се работи за летало кое не е пријавено во Агенцијата за цивилно воздухопловство – во моментот на пријавување на инцидентот, според информациите на Телма, немало ниту еден пријавено летало во воздух на територија на цела Македонија. Исто така немало пријавени информации за дронови, особено поради тоа што во реонот околу аеродромот е забрането летање со беспилотни дронови.
Сите авиони од редовните авиолинии се слетани на аеродромот Скопје без никаков проблем, велат од АЦВ за Телма. Поради реновирање на пистата, поголем дел од слетувањата се одвиваат во доцните попладневни и ноќни часови.
Веста за наводен пад на воздухоплов ја пријавиле локалните жители на селото Бујковци, а пријавата ја упатиле до МВР, додека слични јавувања имало и во Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Извори од МВР потврдуваат дека по пријавата, и нивни претставници го проверувале атарот на селото, но не нашле ништо. Поради дождот, облаците и веќе спуштената ноќ, не е возможна воздушна проверка на теренот со хеликоптери.
Засега нема официјално известување дали нешто е откриено и за што станува збор.